Силно веруваме во социјалното претприемништво како концепт кој може ем да им го подобри општествениот статус и пристапот до права на маргинализираните, ем да ги зајакне економијата и општеството. Па, како што растеа идејата за социјалното претприемништво и нашето социјално претпријатие „Нега Плус“, решивме да влијаеме на целиот еко-систем и да ги зајакнеме капацитетите на сите коишто сакаа да се занимаваат со социјално претприемништво, во рамките на невладиниот сектор.
Така, преку проектот „Отвораме можности“, регрантиравме 6 граѓански организации кои формираа свои социјални претпријатија и со тоа отворија можности за вработување на социјално и економски маргинализирани Ромки.
„Живееме во едно такво време кога децата заминуваат од домот и постари луѓе остануваат сами и тогаш навистина им е потребна една ваква помош, еден добар збор да им се упати, една позитивна енергија да им се даде во нивниот живот, ќе им го подобри и ќе им го продолжи животот“, вели Гроздана Хајдер, која стана професионална негувателка на стари лица со поддршка на нашиот регрантист Црвен крст на Град Скопје.
Нејзината животна приказна е само една од многуте коишто се сменија на подобро токму поради отворените можности. Еве ја успешната приказна на сите нашите регрантисти: