Преку овој сервис, во соработка со 13 здруженија на граѓани и 10 здравствени институции, им обезбедуваме доброволно советување и тестирање (ДСТ) за ХИВ на ранливите и маргинализираните групи во 11 градови низ земјата и по потреба во помалите градови и селата, а првенствено на младата популација, мажите кои имаат секс со мажи и ЛГБТИ заедницата, лицата кои инјектираат дрога, сексуалните работнички/-ци и затвореничките/-ците.
Во нашите две соодветно опремени комбиња, клиентите може доброволно, доверливо и бесплатно:
– Да се информираат за ризикот и превенцијата од ХИВ (прет-тест советување)
– Да го дознаат својот ХИВ-статус (со брзи ХИВ-тестови кои се прават со крв од прст на рака и се готови за 30 минути)
– Да се информираат како да го намалат ризикот од пренос и инфекција со ХИВ во иднина, да добијат поддршка и да бидат препратени до сервис за психосоцијална поддршка за луѓе што живеат со ХИВ доколку има потреба (пост-тест советување)
– Да добијат кондоми, лубриканти и информативни материјали
Доверливоста на разговорите и на резултатите од тестовите се загарантирани, а третманот еднаков кон сите независно од ХИВ-статусот, социјалниот статус, образованието, родовиот идентитет, сексуалната ориентација, возраста, етничката или религиозната припадност, попреченоста или која било друга карактеристика.
Освен во нашите младински центри „Сакам да знам“, во Македонија услугите за советување и тестирање за ХИВ се достапни бесплатно и доверливо и во овие организации и здравствени институции.