Есенската Европска недела на тестирање, која годинава траеше од 20 до 26 ноември, ја одбележавме со кампањата „Грижи се за себе“ за да ги охрабриме сексуално активните момчиња и мажи да се грижат за себе така што редовно ќе се тестираат за сексуално преносливи инфекции и ќе практикуваат безбедни сексуални односи.
Во подигањето на машката свест за грижата за сексуалното и репродуктивното здравје ни помогнаа и Огнен Јанески и Марко Марк кои информираа за пакетот бесплатни и доверливи советувања и тестирања за ХИВ, сифилис, гонореја и хламидија кои се достапни во нашиот Младински центар „Сакам да знам“ на Водно, како и за опцијата за самотестирање за ХИВ – со кои резултатите се готови за само 20 минути!
Активностите во рамки на оваа кампања се организираат со поддршка од Министерството за здравство, преку Програмата за заштита на населението од ХИВ-инфекција во Република Северна Македонија за 2023 година.