Бараме мораториум на протоколарните настани и итни институционални мерки за
спречување на насилството врз жените и фемицидите. Повик за поддршка е упатен и до
меѓународната заедница, како и до жените од сите политички партии. Во пресрет на
глобалната кампања „16 дена активизам против родово базирано насилство упатувaме
јавен повик до Владата, Собранието, надлежните институции, меѓународната заедница и
сите политички чинители оваа година да го променат пристапот кон одбележувањето на
кампањата.
Во година во која се случија седум фемициди, сметаме дека е недозволиво
институциите повторно да организираат конференции, свечености, панели и
промотивни активности на кои ќе зборуваат за постигнатите успеси, додека жените
продолжуваат да бидат убивани, дури и во случаи кога насилството претходно било
пријавено.
Затоа, повикуваме на мораториум на сите протоколарни и промотивни настани во
рамките на кампањата „16 дена активизам“ и бараме овие 16 дена да бидат искористени
за конкретни политички одлуки, институционална одговорност и обезбедување средства
за вистинска заштита на жените.
Наместо осветлување на институциите во портокалово, бараме институциите да покажат
дека ја разбираат сериозноста на состојбата преку конкретни дела, одлуки и преземање
одговорност.
Шест конкретни барања до институциите:
1. Итно усвојување на измените на Законот за спречување и заштита од насилство
врз жените и семејното насилство, поднесени на 26 август во Собрание најдоцна
до 10 декември 2026 година.
2. Финализирање и усвојување на пакетот измени на осум закони, за кои беше
формирана работна група во Април 2026 година меѓу кои Законот за полиција и
Законот за семејство кои треба да обезбедат поефикасна институционална заштита
и подобра координација меѓу полицијата, социјалната заштита, правосудството и
другите институции.
3. Обезбедување конкретни буџетски средства во Буџетот за 2027 година,
вклучително и најмалку 200 милиони денари за специјализирани услуги за заштита
и поддршка на жртвите на насилство и превентивни програми за третман на
сторителите.
4. Усвојување и јавно објавување на заклучоците од собраниската надзорна
расправа за родово базираното насилство, со конкретни институционални
задолженија, рокови и механизми за следење.
5. Повлекување на регресивните измени во: законите за основно образование и
учебници за основно и средно образование усвоени во април 2025, упатството за
заштита од насилство во основно образование (усвоено јули 2025) и програмата
за сексуално образование, со кои е ослабена заштитата од дискриминација,
родовата еднаквост и превенцијата од родово базирано насилство, како и враќање
на сексуалното образование.
6. Итно утврдување индивидуална и институционална одговорност за сите случаи
на фемицид, вклучително и последниот случај со 17-годишната девојка од
Богданци. Бараме независни проверки на постапувањето на надлежните
институции и конкретни последици за утврдените пропусти.
Со истите барања и со повик за конкретна поддршка се обративме и до амбасадите на
развиените европски демократски држави во Северна Македонија, Делегацијата на
Европската Унија, агенциите на Обединетите нации, ОБСЕ и претставниците на
меѓународната заедница. Од нив бараме да го искористат својот политички авторитет за
да поттикнат исполнување на овие барања, јавно да ги поддржат, да побараат конкретни
одговори од Владата и Собранието и да го следат напредокот во нивното спроведување.
Меѓународната солидарност не треба да заврши со говори на конференции. Таа треба
да се преточи во конкретна политичка поддршка за законски решенија и обезбедување
одржливи услуги за заштита на жените.
Упатуваме посебен повик до жените од сите политички партии, пратеничките,
градоначалничките, претседателките и членките на општинските совети, без оглед на
нивната политичка припадност, да се приклучат кон барањата и активно да се заложат за
нивно исполнување. Насилството врз жените не е прашање на партиска припадност, ниту
тема за политичко надмудрување. Тоа е прашање на живот, безбедност и достоинство.
Очекуваме жените кои денес имаат политичка моќ и можност да влијаат врз носењето
одлуки да покажат солидарност и лидерство преку конкретни политички иницијативи,
поддршка за законските измени, обезбедување буџетски средства и барање одговорност
од институциите.
Упатуваме посебен повик до жените од сите политички партии, пратеничките,
градоначалничките, претседателките и членките на општинските совети, без оглед на
нивната политичка припадност, да се приклучат кон барањата и активно да се заложат за
нивно исполнување. Насилството врз жените не е прашање на партиска припадност, ниту
тема за политичко надмудрување. Тоа е прашање на живот, безбедност и достоинство.
Очекуваме жените кои денес имаат политичка моќ и можност да влијаат врз носењето
одлуки да покажат солидарност и лидерство преку конкретни политички иницијативи,
поддршка за законските измени, обезбедување буџетски средства и барање одговорност
од институциите.
Ова е можност жените во политиката, без разлика дали се дел од власта или
опозицијата, да покажат дека заштитата на животите на жените е поважна од
партиските разлики. Граѓанскиот активизам продолжува – но не и учеството во
протоколарни настани. Предложениот мораториум не значи прекин на граѓанскиот
активизам. Напротив, ги поддржуваме протестите, маршевите, локалните иницијативи,
културните активности и активностите на младите, училиштата и организациите кои
обезбедуваат директна поддршка за жените. Она во кое нема да учествуваме се настани,
конференции, свечености и протокуларни настани, организирани од институции кои
досега имаа само заложби, а ниту едно конкретно исполнување.
Особено повикуваме на поддршка на граѓанскиот протест најавен за 25 ноември,
Меѓународниот ден за елиминација на насилството врз жените, како и на сите други
автентични граѓански иницијативи. Не бараме уште една кампања со убави пораки.
Бараме држава во која жените ќе бидат заштитени, институциите ќе реагираат навреме,
а пропустите ќе имаат последици. Овие 16 дена треба да бидат тест за вистинската
политичка волја на институциите и политичките чинители.
На 10 декември, кога завршува кампањата, сакаме да знаеме кои закони се усвоени,
колку средства се обезбедени за услуги за заштита и превенција од насилство, кои
мерки се преземени и кој понел одговорност. Зашто секој следен фемицид не е само
трагедија. Тој е и прашање за тоа што институциите можеле, а не направиле за да го
спречат.
