По повод Светскиот ден на здравјето, годинава под мотото „Здрави почетоци, надежна
иднина“, ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување, заедно со
Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ, Иницијативата за
правата на жените од Шуто Оризари и Здружението за поддршка на луѓето што живеат со
ХИВ – ЗАЕДНО ПОСИЛНИ, укажуваат на важноста државата да инвестира во здравствена
превенција и квалитетна и достапна здравствена заштита како основа за достоинствен
живот. Сепак, поради системските недостатоци, голем дел од жените, девојките и
ранливите заедници остануваат без навремена и соодветна здравствена заштита.
Нашата земја не смее да дозволи генерации да растат без основна здравствена заштита.
Инвестирањето во превенција – во гинеколошки и педијатриски прегледи, превенција и
скрининзи, едукација и вакцинација – е најисплатливиот и најчовечкиот чекор што може
да го преземе еден здравствен систем. Според Светската здравствена организација, секој
долар вложен во превенција штеди до четири долари за лекување. 1 Тоа не само што
спасува животи, туку гради поотпорно и поефикасно општество. Македонија мора
конечно да ја препознае превенцијата како приоритет, а не како трошок. Светскиот ден на
здравјето е потсетник, но акцијата мора да трае цела година – со посветеност, буџет и
политичка волја.
Меѓутоа, и покрај намерата за унапредување на здравствените услуги, реалноста
покажува сериозни пропусти:
Буџетот за ХИВ превенција е намален за околу 70 % од 2021 до 2025 година – од 49
милиони на 12 милиони денари, иако земјата заостанува зад преземените глобални
цели за ставање крај на епидемијата на ХИВ до 2030 година;
Од 2019 година па наваму, државата издвојува во просек само 10 % од буџетот на
Министерството за здравство за превентивни програми;
Во 2023 година 13 % од жените на возраст 21–59 години биле опфатени со скрининг
за рак на грлото на матката. Иако оваа бројка претставува зголемување во споредба
со претходните години сепак е далеку од постигнување на потребниот опфат од 70 %
за тригодишен период;
Минимални 3,5 % од жените на возраст 40–69 години биле опфатени со скрининг на
рак на дојката во 2023 година;