19 ноември 2023 година – Од 20 до 26 ноември 2023 година, под слоганот „Грижи се за себе“, ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување ја одбележува Европската недела на тестирање за да ги охрабри мажите редовно да се тестираат и грижат за своето сексуално и репродуктивно здравје.
„Ги охрабруваме момчињата и мажите кои се сексуално активни да дојдат во нашиот младински центар „Сакам да знам“ – Водно за бесплатен преглед кај дерматовенеролог и да направат пакет бесплатни тестирања за сифилис, гонореја и кламидија, како и брз тест за ХИВ. Тестирањата се бесплатни и доверливи, а резултатите готови за само 20 минути! По потреба, можат да добијат и доверливо советување за сексуалното и репродуктивното здравје и да си земат информативни брошури и кондоми“, изјави Весна Матевска, програмска раководителка во ХЕРА, на денешната конференција за печат.
Според д-р Велимир Савески од Универзитетската клиника за инфективни болести и фебрилни состојби, не можеме да зборуваме за потполна физичка, психичка и социјална благосостојба ако го занемаруваме сексуалното и репродуктивното здравје.
„Европската недела на тестирање е само потсетник дека на тестирањето за сексуално преносливи инфекции треба да се гледа како на дел од грижата за сопственото здравје. Вакви тестирања, вклучително и за ХИВ, може да се направат и во амбулантата за ХИВ на Клиниката за Инфективни болести и фебрилни состојби, анонимно и доверливо. Она што ја прави нашата амбуланта различна од останатите е поддршката што секој пациент ја добива од психологот и социјалниот работник во однос на сексуалното и репродуктивното здравје.“
Сексуално преносливите инфекции (СПИ) многу често остануваат непрепознаени бидејќи немаат симптоми. Но, дури и кога имаат, се случува да се занемаруваат поради срамот и сеприсутните табуа поврзани со сексуалното и репродуктивното здравје. Недоволната грижа за здравјето меѓу мажите во голема мера се должи на начинот на кој тие се социјализирани уште од најрана возраст. Поради општествено конструираниот став дека мора да бидат силни и „машки“ да се носат со животните предизвици, момчињата се учат дека не треба да ги покажуваат и да разговараат за чувствата ниту да бараат помош и поддршка. Па така, кога е во прашање сексуалното и репродуктивното здравје, често се случува да избегнуваат да одат на редовни прегледи и тестирања, што доведува до сериозни ситуации и болничко лекување.
Еден показател за тоа е податокот дека секое трето лице кое има ХИВ во земјава не го знае својот ХИВ-позитивен статус, односно не е свесно дека е ХИВ-позитивно. Оттука произлегува важноста на редовното тестирање за ХИВ: само така може да се утврди ХИВ-статусот и да се отпочне со терапија за ХИВ, која е достапна и бесплатна кај нас и со која луѓето со ХИВ може да живеат квалитетно и долго. Уште еден показател за ниската свесност е и загрижувачката стапка на користење заштита при сексуалните односи кај младите. Имено, најголемиот дел од младите на возраст меѓу 20 и 24 години (36 %) практикуваат незаштитени сексуални односи, што може да доведе не само до непланирана бременост, туку и до сексуално преносливи инфекции.
Токму затоа, покрај бесплатни и доверливи тестирања за СПИ, младинските центри „Сакам да знам“ на ХЕРА на Водно и во Шуто Оризари бесплатно обезбедуваат и кондоми. Преку овие центри речиси две децении ХЕРА се грижи за сексуалното и репродуктивното здравје на граѓаните, а особено на оние кои се на маргините на општеството и во социјален ризик. Во таа насока, работи и на подигање на јавната свеста заради што им стои на располагање на сите поединци, училишта и компании кои се заинтересирани да организираат обуки и едукации за сексуално преносливи инфекции и ХИВ за млади, здравствени работници и други засегнати страни.
Активностите во рамки на оваа кампања се организираат со поддршка од Министерството за здравство, преку Програмата за заштита на населението од ХИВ-инфекција во Република Северна Македонија за 2023 година.