1 декември 2023 година – И покрај тоа што денес во светот се зборува за ставање крај на епидемијата на ХИВ до 2030 година, во Република Северна Македонија системот на здравствена заштита потфрла во дијагностицирањето на луѓето кои имаат ХИВ, а средствата за превенција во владината Програма за ХИВ континуирано се намалуваат веќе три години по ред, посочија на конференција за печат претставници на Платформата за ХИВ, по повод денешниот Светски ден на СИДА.
Додека во светот се бележи значителен пад на новите инфекции со ХИВ и сè поголем број на луѓе кои се свесни дека го имаат вирусот и кои примаат антиретровирусна терапија, кај нас, според последните проценки за 2021 година, со ХИВ живеат околу 500 лица од кои дијагностицирани се само 70 %. Ова во голема мера се должи на намалувањето на финансирањето на Програмата за ХИВ, поради што драстично се намалени активностите за превенција на ХИВ, како и нивниот опфат и квалитет.
Колку за илустрација, буџетот во 2018 година изнесуваше 95 милиони денари кога се лекуваа околу 200 пациенти, а моментално е предвидено да изнесува 90 милиони за 2024 година, кога се очекува дека на терапија ќе бидат повеќе од 430 пациенти. Оттука, очекуваме Владата да го исполни даденото ветување за зголемување од најмалку 10 милиони денари за програмите за превенција, за да се одржи превенцијата на минимално ниво.
„Ако инвестираме повеќе сега во превенцијата и тестирањето, ќе откриеме повеќе луѓе што ја имаат инфекцијата, а не се свесни за тоа, па наместо 45 инфекции годишно, во следните неколку години би имале по 60 или 70 нови дијагнози. На краток рок тоа ќе повлече поголемо инвестирање во терапијата, затоа што таа ќе треба да се обезбеди за поголем број лица во годината. Но, веќе на среден рок, до 2030 година ќе ја имаме потиснато епидемијата, бројот на нови инфекции драстично ќе опадне, а со тоа и бројот на нови дијагнози. Истовремено, трошоците за лекување ќе се стабилизираат и постепено ќе почнат да опаѓаат. Со сегашниот тренд, во 2030 сѐ уште ќе имаме голем број нови инфекции и смртни случаи, а трошоците за лекување ќе продолжат да растат во недоглед“, посочи Елизабета Божиноска од Здружението ХЕРА.
Не смее да се занемари ни фактот дека програмите што ги спроведуваат граѓанските организации во десетина градови во земјата за дел од луѓето претставуваат и единствен пристап до најосновна здравствена заштита. Тоа се и eдинствени јавно-здравствени мерки за контрола на сифилис и на други сексуално преносливи инфекции, бидејќи овозможуваат лесно дијагностицирање и лекување, со што се превенира ширење на сексуално преносливите инфекции.
„Терапијата за ХИВ, која во земјава е бесплатна и достапна, е клучна за вирусот да се потисне до недетектабилно ниво, со што лицето со ХИВ може да функционира нормално, да има одлична здравствена состојба и да живее еднакво долго како и луѓето што немаат ХИВ. Иако поголемиот дел од пациентите денес примаат современи тераписки опции, во согласност со европските упатства за лекување на ХИВ-инфекцијата, сепак, околу 40 % примаат лек чија употреба веќе не се препорачува од Светската здравствена организација и другите меѓународни упатства, изјави Андреј Сених од Здружението „Заедно посилни“.
Конечно, луѓето со ХИВ и ден-денес се соочуваат со дискриминација, особено во здравствениот сектор. Здружението „Заедно посилни“, кое е дел од Платформата за ХИВ, понудило правна и психосоцијална поддршка на 28 лица во последните 2 години поради различни облици на дискриминација – речиси исклучиво во користењето на здравствена заштита. Станува збор за одбивање на здравствена услуга, откривање на медицински податоци пред трети лица, и навредлив и стигматизирачки однос во здравствена установа. Во два случаи, пациенти во болки биле вратени од универзитетска клиника или од приватна ординација само поради тоа што имаат ХИВ.
„Јавното здравје е инвестиција, а не трошок, бидејќи здравјето е право, а не привилегија“, потсети Хајди Штерјова Симоновиќ од Здружението ХОПС. Токму затоа, Платформата за ХИВ, која е сочинета од 14 граѓански организации, бара:
- Владата да го зголеми инвестирањето во превенцијата, тестирањето и лекувањето на ХИВ на краток до среден рок, за да можеме да ставиме крај на епидемијата до 2030 година, да спречиме нови инфекции и смртни случаи, како и континуиран пораст на трошоците;
- Очекуваме Собранието и Владата преку соодветните постапки да го зголемат буџетот на Програмата за заштита на населението од ХИВ-инфекција за 2024 година за најмалку 10 милиони денари, согласно уверувањата што ги добивме од претседателот на Владата и министерот за финансии пред неколку дена;
- Ниту едно лице што живее со ХИВ да не биде одбиено од добивање здравствена услуга во ниту една ситуација и по ниту една основа.