Кога се соочуваме со сиромаштијата, солидарноста е отпор!
На 17 октомври – меѓународниот ден за искоренување на сиромаштијата, потсетуваме дека:
- речиси 22% од граѓаните живеат под линијата на сиромаштија.
- 29,5% од децата живеат во сиромаштија
- 38% од децата се наоѓаат во состојба на повеќедимензионална сиромаштија и живеат во услови ризични по здравјето, учењето, безбедноста и развојот на самото дете
- 19% од домаќинствата со деца добиваат детски и семејни додатоци, во споредба со 88% во Европската Унија.
Од оваа статисика, најпогодени се децата во многудетните семејства, самохраните родители и ромските семејства.
Но сиромаштијата е тесно поврзана и со услугите за грижа за деца и стари лица кои се ограничени.
-45,5 % од децата на возраст од 3 до 6 години посетуваат градинка, додека кај децата Роми таа стапка е 17% (во ЕУ таа стапка е 95%)
Недостигот од услуги за грижа особено ги погодува жените, кои извршуваат 72,5 % од неплатената домашна работа и грижата за децата, старите и изнемоштени лица, што ја ограничува нивната економска независност и придонесува повеќе од половина од жените во земјата да се неактивни на пазарот на труд.
Во Северна Македонија, сиромаштијата останува долготрајна, структурна и системска реалност додека социјалната заштита е под сè поголем притисок, што резултира со срам и изолација. Недостигот од стратегија уште од 2020 година и постојаното префрлање на одговорноста меѓу централната и локалната власт, создава длабок институционален вакуум. Граѓаните се без системска поддршка во борбата против сиромаштијата.
Повикувајќи се на европските цели и стандарди, бараме итно отворање на широк и инклузивен дијалог кој ќе ги преточи политиките во достоинствен живот за сиромашните
Секоја можност за вклучување на преживеаното искуство во креирањето на државните политики е важен чекор напред, додека ние, претставниците на граѓанското општество и локалните организации, заедно со лицата со искуство во борбата против сиромаштија и социјална исклученост го ставаме на располагање тоа знаење и искуство.
Нашата цел и директно барање е итно донесување на сеопфатна Национална стратегија против сиромаштијата, по примерот на Европската стратегија против сиромаштија, со која Европската комисија постави јасна цел за целосно искоренување на сиромаштијата до 2050 година. Состојбата во државата налага потреба од дефинирање на стратешка рамка за следење на мултидимензионалноста на сиромаштијата низ целиот животен век.
Во време на тешки социо-економски предизвици, несериозно е државата да имплементира парцијални мерки кои не го решаваат проблемот и да промовира социјална помош која го гази човековото достоинство.
Наспроти тоа бараме да се прекине пренесувањето на сиромаштијата низ животниот век преку обезбедување системска поддршка во сите критични транзиции, од детство кон младост, од младост кон вработеност и од работен век кон пензија.
Оттука, Македонската платформа против сиромаштијата, по повод 17 Октомври – Меѓународен ден за борба против сиромаштијата, ги упатува следните барања до Владата:
- Итно спроведување на Европската гаранција за децата, универзален детски додаток и мерки за превенција на детската сиромаштија;
- Вклучување на домувањето во социјалните политики, со фокус на домувањето како човеково право, превенција на бездомништво, достапно домување за младите, заштита на граѓаните од нереалните цени на пазарот и незаконските пракси на правните субјекти;
- Развој на услуги за ранливите категории на граѓани, вклучително и вложувања за зголемување на пристапот до градинки, социјални услуги за деца со попречност и услуги за грижа и нега за стари лица;
- Намалување на сиромаштијата помеѓу вработените преку соодветна и доследна имплементација на механизмите за заштита и надзор врз работничките права;
- Усвојување на политики кои ќе ги намалат плаќањата од џеб на граѓаните во здравството;
- Развој на мерки за справувањето со сиромаштијата и социјалната исклученост кај постарите лица преку флексибилни патеки за пензионирање и соодветност на пензиите, поддршка за активно стареење и ефективен пристап до висококвалитетни услуги за нега и насочени интервенции за социјална инклузија.
Националната стратегија против сиромаштија не може и не смее да биде уште еден документ без буџет и скриен во фиока. Таа е документ од стратешко значење на Владата и институциите, кој ќе води кон структурно и системско искоренување на сиромаштијата и мора да е донесен инклузивно и транспарентно преку механизам за учество и следење од страна на граѓанските организации.
Одбележувањето на 17 Октомври – Меѓународен ден за борба против сиромаштијата и реалната состојба на граѓаните се повод институциите да преземат одговорност за справување со сиромаштијата, заштита на правата, обезбедување соодветна социјална заштита и зачувување на достоинството на сите граѓани.
Со поврзување на преживеаните искуства на луѓето со колективното дејствување и политичкото одлучување, можеме да изградиме општество во кое секој има моќ да учествува и каде што никој нема да биде изоставен.
Конечно, НАМАЛУВАЊЕТО НА СИРОМАШТИЈАТА Е ПОЛИТИЧКА ОДЛУКА и директно зависи од креирање и имплементирање на соодветни, сеопфатни и достоинствени политики, кои не ја третираат сиромаштијата како случајност или личен неуспех, туку како системски проблем што може и мора да се реши!
Во солидарност,
Македонска платформа против сиромаштијата (МППС)
Мрежи, сојузи и коалиции:
- Родова платформа
- Коалиција МАРГИНИ Скопје
- Мрежа за заштита од дискриминација
- Мрежа на даватели на социјални услуги
- Национален младински совет на Македонија
- Национална мрежа против насилство врз жени и семејно насилство
- Платформа за одржливост на сервисите за превенција и поддршка за ХИВ
- Мрежа ИнклузивнаМ
Организации кои не се дел од горенаведените мрежи:
- Здружение на граѓани за промовирање и зачувување на културните и духовните вредности – Легис Скопје
- Здружение за одржлив развој и заштита на животната средина Гоу Грин Скопје
- Здружение на граѓани Еврохаб агенда
- Здружение за акција против насилство и трговија со луѓе „Отворена Порта“ Скопје
