Во земјава постојат над 80 граѓански организации кои со години обезбедуваат социјални услуги за граѓани кои се во ранливи ситуации или на маргините на општеството. Здружението на лица со церебрална парализа и други попречености од Велес е едно од малкуте лиценцирани даватели на социјални услуги во земјава. За тоа што значи да се биде лиценциран давател на социјални услуги и за придобивките што лиценцирањето ги носи – како за корисниците, така и за самата граѓанска организација – поразговаравме со Далиборка Златева.
Таа, исто така, се осврна на поддршката што им е потребна на граѓанските организации за подобро да се подготват за евентуалната посета од социјалната инспекција, како и на важноста од формирањето на Мрежа на даватели на социјални услуги во воспоставувањето на еднакви стандарди и подеднаква финансиска поддршка за сите даватели на социјални услуги, независно дали се од граѓанскиот, државниот или приватниот сектор.
Од друга страна, Републичкиот центар за поддршка на лица со попреченост „Порака“ е граѓанска организација која со години обезбедува социјални услуги за возрасните луѓе со интелектуална попреченост. Таа беше и меѓу првите организации што се залагаа да се воведе систем на лиценцирање на давателите на услуги за да може севкупно системот да пружа квалитет, односно да испорачува нешто на корисници што им е потребно. Но, според Владо Крстовски, „Порака“ и натаму не е лиценциран давател поради ригидните услови пропишани со постојниот Правилник.
Со самото тоа што се даватели на социјални услуги, овие осумдесетина граѓански организации подлежат на инспекциски надзор. За улогата на социјалната инспекција и за досегашното искуство со граѓанските организации кои даваат социјални услуги, вклучително и во областа на родово заснованото насилство, поразговаравме со Зоран Стојанов, инспектор за социјална заштита.
Сите овие разговори се случија за време на редовната годишна обука на Инспекциската служба при Министерството за труд и социјална политика, што се одржа на почетокот на јануари и на која присуствуваа инспектори и претставници на Комисијата за лиценцирање и на здруженија на граѓани кои се даватели на социјални услуги. Обуката се спроведе во рамките на проектот „Зајакнување на капацитетите на давателите на услуги во заедницата и учество во јавните политики – ИРИС ПРОГРЕС“ со Мрежата ИРИС, финансиран од Европската Унија.