„Прашањето за социјалното претприемништво во ова време е можност да обезбедиме економски раст и развој на државата, а притоа да не ги заборавиме најранливите. Особено поради раслојувањата кои ги гледаме во нашата држава, а кои поради кризата можат да се продлабочат и да доведат до зголемување на јазот помеѓу сиромашните и богатите. Ако вложиме во социјални претпријатија и на тој начин ги вклучиме оние кои немаат работа, оние кои тешко стигнуваат до работа или оние кои немаат работни вештини, ќе успееме да го намалиме јазот и да ја одржиме сиромаштијата барем на ова ниво на кое што е денес“.
Ова е дел од излагањето на заменичката на претседателот на Владата задолжена за економски прашања, Мила Царовска на конференцијата „Социјалното претприемништво: иновативен бизнис подел за похумано општество“, којашто се одржа виртуелно на 17 јуни во организација на ХЕРА, како финален настан на проектот „Отвораме можности“. Таа истакна дека вистинското излегување од сиромаштија е преку работна активација или самостојно заработување за месечните потреби, поради што развојот на социјалните услуги е приоритет на владата.
Конференцијата за социјално претприемништво отвори прашања за тоа во кој правец треба да се развиваат националните политики за развивање на социјалната економија и поттикна дискусија за предизвиците и придобивките од работењето на социјалните претпријатија во контекст на актуелната кризна ситуација. Беа прикажани позитивните примери на социјални претпријатија во Европската Унија, но и искуствата од прилагодувањето на кризната состојба на одделни социјални претпријатија во нашата држава.
Извршната директорка на Паблик – Асоцијација за истражување, комуникации и развој, Климентина Илијевски се осврна на последиците од постоечкиот економски модел, како што се социјалната, еколошката и спиритуалната подвоеност и на приоритетите на социјалната пазарна економија – памeтен, одржлив и инклузивен раст. Таа даде приказ на тоа до каде е Македонија во развојот на социјалната економија во споредба со Европската Унија и се задржа на можностите за развој на социјалната економија во нашата држава.
„Она што е важно, е да разбереме дека социјалните претпријатија и владата имаат заедничка крајна цел, а тоа е дa обезбедуваат решенија за постоечките општествени проблеми. Преку развој на бизниси кои примарно делуваат на обезбедување општествена вредност и корист, социјалните претпријатија можат значително да придонесат за постигнување на социјална кохезија, борба против сиромаштија, зголемување на вработеноста, унапредување на конкурентноста и на економијата, и генерално, тие го подобруваат целиот живот“, нагласи Климентина Илијевски.
Од излагањата и дискусиите кои беа поттикнати со прашања поставувани од присутните, заклучивме дека интересот за социјалното претприемништво е голем, дека актуелната криза уште повеќе ја нагласува потребата од развивање на добрата економија во насока на одржлив општествен развој и вклучување на маргинализираните заедници на пазарот на труд, дека постојат социјални претпријатија кои се самоодржливи и се инспирација за солидарни иницијативи, но исто така дека е потребна системска поддршка која ќе препознае и ќе понуди бенефиции за равојот на социјалните претпријатија како носители на социјални мисии. И како многу важно, заклучивме дека социјалното претприемништво е концепт кој им дава можност на ранливите групи да ја препознаат желбата за работа и можноста и тие да бидат продуктивни и да придонесуваат за равојот на економијата, наместо да се ослонуваат на системите за социјална заштита.
Проектот „Отвораме можности“ се спроведе со финансиска поддршка на Европската Унија во рамки на ИПА програмата „Поддршка за граѓанското општество и медиумите 2016-2017 година“.
Снимката од конференцијата во целост можете да ја погледнете тука.