Родот има значително влијание врз нашите животи и е важен дел од нашата личност и идентитет. Така, мажите се соочуваат со кризи и проблеми кои се специфични само за нив. Честопати чекаат премногу долго за да побараат помош и вообичаено на своите проблеми гледаат како на индивидуални неуспеси, отколку како на општествени. Кога станува збор, пак, за насилството, постои и силна родово-специфична карактеристика. Генерално, мажите почесто се јавуваат како сторители на насилството. Во партнерствата и врските, претежно жените се погодени од насилството. Во јавноста пак, мажите често се жртви на насилството од други мажи.
Програмите за помош на мажите и теориите за мажите и мажественоста се појавуваат во 80-те години на 20-от век, како реакција и последица на програмите за поддршка и помош на жените. Иако на почетокот многу социјални работници и психолози не го сметале давањето на помош и поддршка на мажите за сериозно и постоел голем отпор, сепак досегашните искуства во работењето и водењето сервиси за помош и поддршка на мажи потврдуваат дека мажите имаат потреба од помош и поддршка поврзани не само со насилното однесување, туку и со работните односи, изолацијата, односите со партнерот/-ката, татковството, користењето на лекови/зависност, агресивноста и сексуалноста. Уште поважно, имаат потреба да слушнат и научат дека е нормално и тие да имаат проблеми и дека е важно да ја побараат и да ја добијат неопходната помош и поддршка кога им е потребна.
Имајќи го предвид сето ова, како и фактот дека воспоставувањето на специјализиран центар за поддршка и советување е релативно нов концепт во областа на социјалната работа, изработивме Концепција за центар за поддршка и советување на мажи која би можело да претставува појдовна основа за воспоставување на квалитетни и пристапни советодавни и терапевтски програми за мажи и момчиња. Потпирајќи се на главните принципи на превенција во работењето со мажите и сторителите на насилство преземени од националните и меѓународни искуства, таа дава појдовни насоки за потребите, можностите и начините за работа во центрите за поддршка и советување на мажите, кои се една од од стратегиите во сеопфатната превенција од насилство врз жените и родово-заснованото насилство во Република Северна Македонија.
Со воспоставување на еден ваков концепт за советување на мажи треба да се овозможи поактивна вклученост на мажите во спречување на насилството врз жените, но и во намалување на насилното однесување и повторување на делото кај сторителите на насилството и престапниците на сексуална злоупотреба во иднина.
Концепцијата е подготвена во рамки на проектот „Воспоставување на мулти-професионална превенција на родово засновано насилство, работа со сторители преку пристап фокусиран на безбедноста на жртвата и советување на мажите во Северна Македонија“ поддржан од Здружението за машки и родови прашања Стирија од Грац (Verein für Männer- und Geschlechterthemen Steiermark) со финансиска поддршка од австриското Сојузно министерство за социјални прашања, здравство, грижа и заштита на потрошувачите.
Концепцијата за центри за поддршка и советување на мажи во Република Северна Македонија е достапна на македонски јазик на следниот тука. Достапна е и на англиски јазик, тука.