ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување отвора повик за прибирање понуди за евалуација на проектот „Семејни лекари – Партнери во подобрување на пристапот до услуги за контрацепција и сексуално и репродуктивно здравје“. Повикот е отворен за физички и за правни лица.
1.ПОЗАДИНА ЗА ЕВАЛУАЦИЈАТА
1.1. Ситуациона анализа
Во последните 10-ина години достапноста на услугите за сексуално и репродуктивно здравје (СРЗ) и контрацепција на примарно здравствено ниво во Северна Македонија постојано се намалува. Ова особено е одразено во помалите градови и руралните средини поради недостигот на специјалисти гинеколози, особено во источниот дел на државата, но и поради несоодветната географска распореденост на постоечките специјалисти гинеколози (најчесто стационирани во Скопје и поголемите градови на државата).
Просечната возраст на акушерите и гинеколозите драстично е зголемена изминативе години што претставува голема закана за достапноста на услугите за СРЗ во блиска иднина. Покрај тоа, географската распореденост на гинеколозите е прилично нерамномерна со големи разлики помеѓу руралните и урбаните области. Просечниот број на жени по гинеколог е 3.610, со разлики меѓу регионите од 1:3 меѓу најдобрите и најслабо обезбедените региони со гинеколози. Од 31 здравствен регион во земјата, 10 здравствени региони имаат недоволна покриеност со гинеколози. Тоа се Македонски Брод, Пробиштип, Крушево, Радовиш, Демир Хисар, Кратово, Делчево, Штип, Крива Паланка и Ресен, од кои сите се состојат од урбани, полуурбани и рурални средини. Понатаму, четири од овие здравствени региони воопшто немаат гинеколог на ниво на примарна здравствена заштита, што особено ги погодува сиромашните жени во руралните средини, жените со попреченост и Ромките.
Од друга страна, во земјава има 1.532 општи лекари (матични лекари), на исто ниво со статистичкиот просек на Европскиот регион. Задоволувачка е и географската распореденост на матичните лекари, а од нив 284 се матични лекари. Како што расте бројот на матични лекари, тоа им дава потенцијал на матичните лекари да посветат повеќе време во обезбедување на услуги за СРЗ, со што донекаде би се затворила празнината на недостигот од гинеколошки установи на ниво на примарната здравствена заштита и празнината од недостиг на одредени услуги од областа на СРЗ и контрацепцијата.
Во јули 2019 година, Министерството за здравство усвои политика за проширување на опсегот на услуги што матичните лекари можат да ги обезбедат на примарно ниво во рамки на нивните ординации. Листа на услуги за СРЗ исто така беше препознаена во практиките за здравствена заштита на пациентите, вклучувајќи услуги за репродуктивно здравје (дијагностика и упатување), имунизација, преглед на рак на дојка/простата, советување за контрацепција, СРЗ за мажи, скрининг за рак на грлото на матката и тестирање за сексуално преносливи инфекции или инфекции на репродуктивниот тракт, превенција од семејно насилство. Иако матичните лекари сега имаат право да ги даваат овие услуги на примарно ниво, во пракса тие се многу малку вклучени, главно поради недостиг на знаења и вештини, несоодветна опрема и но и поради непостоење на посебни финансиски стимулации од страна на државата. Тоа значи дека пациентките ги бараат услугите за СРЗ и контрацепција во гинеколошките ординации, но не и во ординациите на матичните лекари или лекарите за семејна медицина. Услугите како контрацепција, ПАП тестирање за скрининг за ХПВ, тестирање за одредени сексуално преносливи инфекции, грижа во бременоста, советување и поддршка во менопаузата или во случај на семејно насилство, или преглед и поддршка за советување за превенција од рак на дојка практично не се обезбедуваат од страна на матичните/семејните лекари иако со постоечката регулатива од 2019 тоа им се овозможува.
Анализата на индикаторите за репродуктивното здравје покажува дека Северна Македонија има послаби резултати во споредба со голем број земји во европскиот регион. Стапката на перинатална смртност е двапати повисока (14,8 на 1.000 раѓања, за 2017 година) од просекот на ЕУ. Стапката на смртност на доенчиња во земјава е 9,2 % и е речиси трипати повисока од европската просечна стапка (3,6 %). Разделувањето на овој индикатор според социјалните и демографските карактеристики на жените покажува диспаритети, со повисоки вредности кај жените со пониско ниво на образование (особено во руралните средини), одредени етнички заедници (пр. Роми), жени под 20 и над 40 години. Ромките постојано имаат највисока стапка на доенечка смртност (10,2 на 1.000 живородени деца кај Ромите во споредба со 7,1 на 1.000 живородени деца кај Македонците, 2017 година). Дури 41,6 % од населението е во ризик од сиромаштија или социјална исклученост (2017), а стапката на невработеност е 17,5 % (2019).
1.2 За проектот
Од септември 2020 година, ХЕРА заедно со својата партнерска организација Центарот за семејна медицина го спроведува проектот „Семејни лекари – Партнери во подобрување на пристапот до услуги за контрацепција и сексуално и репродуктивно здравје“, со поддршка на Japan Trust Fund и МФПР – Меѓународната федерација за планирано родителство. Основната цел на проектот е да се унапредат индикаторите за СРЗ на жените, особено на социјално-ранливите, како Ромките, жените со попреченост и жените од рурални средини, во 10 региони во земјата (Македонски Брод, Пробиштип, Крушево, Радовиш, Демир Хисар, Кратово, Делчево, Штип, Крива Паланка и Ресен ). Во рамките на проектот беа пилотирани услуги за СРЗ и контрацепција во овие региони, во рамки на ординациите на семејните лекари, за да се придонесе кон реализација на основната цел на проектот. Специфично проектот се стремеше да ги оствари следниве резултати:
- Зајакнати национални политики за стратегиско планирање и финансиско стимулирање на семејните лекари за обезбедување на услуги за СРЗ и контрацепција;
- Подобрена достапност на услугите за СРЗ и контрацепција во ординациите на семејните лекари во регионите каде се пилотираат услугите;
- Зголемена побарувачка на услуги за СРЗ и контрацепција од страна на крајните корисници на ниво на примарна здравствена заштита во регионите каде се пилотираат услугите.
2. ЦЕЛИ НА ЕВАЛУАЦИЈАТА
Целта на евалуацијата е да се процени релевантноста, ефикасноста и ефективноста на проектот, да се идентификуваат добрите пракси и научени лекции и да се дадат препораки за понатамошно проширување (scale-up) на пилот програмата. Евалуацијата треба да се фокусира на анализа на резултатите од спроведените активности и специфични цели од страна на партнерите на проектот, кои се составен дел од логичката рамка на проектот.
3. КРИТЕРИУМИ ЗА ЕВАЛУАЦИЈАТА
- Проценка на релевантноста на резултатите кои требало да се постигнат во проектот
- Проценка на ефективноста на проектот во остварување на зацртаните резултати
- Проценка на ефикасноста од имплементација на проектот до денот на завршување
4. ЕВАЛУАЦИОНИ ПРАШАЊА
Релевантност
- Колку се соодветни очекуваните резултати од проектот согласно општествениот контекст во кој тој се спроведуваше?
- Во која мера се земени предвид потребите на крајните корисници и другите чинители кои учествуваа во проектот при неговото планирање?
Ефективност
- Дали активности се спроведени како што иницијално се планирани во проектот?
- Каков е квалитетот на спроведените активности и на резултатите од активностите?
- До кој степен проектните активности придонеле за подобрување на знаењата и вештините на семејните лекари во обезбедување на услуги за СРЗ и контрацепција во одбраните региони?
- До кој степен проектните активности придонесуваат за подобрување на националните политиките за унапредување на пристапот на услуги за СРЗ и контрацепција во ординациите на семејните лекари?
- До кој степен проектните активности придонесуваат за зголемување на побарувачката на услугите за СРЗ и контрацепција во пилотираните региони, особено за жените со попреченост, жените од рурални средини и Ромките?
Ефикасност
- Колку ефикасно беше спроведен проектот согласно поставената структура за негово менаџирање?
- Дали проектот е спроведен на најефикасен начин согласно контекстот во кој работи и ако се спореди со можните алтернативни за поинаква реализација?
- Што можеше поинаку да се стори за проектот да беше поефикасно спроведен?
- Колку ефикасно беше спроведен проектот од страна на имплементаторите на активностите согласно постоечките средства кои им беа на располагање за постигнување на очекуваните резултати?
Продукти на евалуацијата
- Логичка рамка за евалуација на проектот (Theory of Change)
- Методологија и прашалници кои ќе се користат за спроведување на евалуацијата и предложена временска рамка
- Финален извештај од евалуацијата на англиски јазик кој треба да ја има следнава структура: Извршно резиме од евалуацијата, позадина на евалуацијата, детален опис на методологијата на евалуацијата, вклучително цели на евалуацијата, користени податоци за евалуацијата, анализа на наодите, научени лекции и добри пракси, заклучоци и препораки
5. Работен план и продукти на евалуацијата
Активност | Денови | Продукт |
Логичка рамка за евалуација на проектот (Theory of Change) | 2 | Изготвена логичка рамка |
Подготвена методологија, прашалници за евалуацијата на проектот и временска рамка | 3 | Подготвена методологија и прашалници |
Собирање на податоци (од документација, деск анализа, теренски интервјуа, фокус групи…) | 7 | |
Анализа на податоци од евалауцијата | 8 | |
Пишување на евалауцијата | 10 | Финален извештај од евалауцијата |
ВКУПНО ДЕНОВИ | 30 |
6. Буџет
За спроведување на евалуацијата доставете финансиска понуда. Покрај хонорарот, согласно методологијата и потребите од евалуацијата, дополнително ќе се исплаќаат транспортните трошоци за патување надвор од Скопје.
7. Преглед на документи
По потпишувањето на договорот, ХЕРА има обврска да ги сподели следниве документи:
- Целосната проектна документација и логичка рамка
- Извештај од baseline и endline истражувањето за потребите на проектот
- Периодични наративни и финасиски извештаи
- Документи кои произлегле од резултатите од спроведување на активностите од проектот
- Материјали, публикации и други комуникациски продукти од проектот
8. Како да аплицирате?
За да аплицирате, најдоцна до 22 ноември (до крајот на работниот ден), треба да доставите:
- Мотивациско писмо и лична биографија со детално опишано претходно работно искуство на иста или слична задача (на македонски јазик);
- Примерок од претходно спроведената евалуација, и
- Финансиска понуда.
Потребните документи треба да ги испратите на следната е-адреса: konkurs@hera.org.mk