Јавен повик за ангажирање консултант/-ка за подготовка на: Анализа на учеството на жени на високи раководни функции во јавниот сектор во изминатите 10 години и подготовка на документ за јавни политики за зајакнување на учеството на жените во донесувањето одлуки
ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување во рамки на проектот „Заедно за родова еднаквост: Градење поддршка за родово инклузивни политики“, поддржан од страна на Британската амбасада Скопје, објавува повик за избор на консултант/-ка за подготовка на: Анализа на учеството на жени на високи раководни функции во јавниот сектор во изминатите 10 години и подготовка на документ за јавни политики за зајакнување на учеството на жените во донесувањето одлуки. Анализата ги таргетира избраните и именуваните лица во состав на владата, ресорните министерства, органите во состав на министерствата, органите на државна управа кои ги назначува Владата, самостојните државни органи назначени од страна на Собранието, вклучително и високите раководни места во институциите на јавниот сектор, јавните претпријатија и друштва во кои владата има сопственички удел. Анализата се однесува на изминатите 10 години заради утврдување на опфатот на жени и нивното влијание во донесувањето на одлуки, како и осмислување на сеопфатен документ за јавни политики за зајакнување на жените во донесувањето одлуки.
Целта е да се утврдат трендовите и да се донесат соодветни заклучоци и препораки за намалување на тековните родови нееднаквости и обезбедување еднакви права и можности за учество на жените во донесувањето одлуки. Во рамки на анализата се предвидува и осмислување на сеопфатен документ за јавни политики кој ќе го зајакне учеството на жените на високи раководни функции, со предвидување на сите неопходни предуслови, процедури и мерки развиени за оваа намена.
1. Вовед
ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување го спроведува проектот „Заедно за родова еднаквост: Градење поддршка за родово инклузивни политики“, поддржан од страна на Британската амбасада Скопје, чија главна цел е да изгради и поддржи национална платформа за родова еднаквост и структура која ќе биде во состојба да промовира и застапува родово сензитивни политики и практики кои ќе ги унапредат правата на жените и девојките во Северна Македонија.
Во рамки на проектот, ќе се спроведе и анализата на опфатот на жени како дел од избраните и именуваните лица во владата, ресорните министерства, органи во состав на министерства, самостојни органи на управа избрани од Владата, самостојните државни органи избрани од Собранието, вклучително и високите раководни места во институциите на јавниот сектор, јавните претпријатија и друштва во кои владата има сопственички удел. Опфатот на оваа анализа има за цел да го согледа учествотото на жени со соодветно влијание при донесувањето на одлуки. Целта е да се приберат информации за изминатите 10 години, да се анализираат трендовите според сектори и ресори и да се донесат соодветни заклучоци и препораки за надминување на тековните родови нееднаквости. Во рамки на анализата се предвидува и осмислување на еден сеопфатен документ за јавни политики кој ќе го зајакне учеството на жените на овие функции, со предвидување на сите неопходни предуслови и процедури развиени за оваа намена.
За таа цел, ХЕРА објавува повик за избор на консултант/-ка за подготовка на: Анализа на учеството на жени на високи раководни функции во јавниот сектор во изминатите 10 години и подготовка на документ за јавни политики за зајакнување на учеството на жените во донесувањето одлуки
Ангажираниот/-ата консултант/-ка ќе треба да:
• Направи соодветно истражување на достапни материјали и информации во изминатите 10 години (преку веб-страниците на соодветните институции и установи и/или други достапни средства за информирање);
• Изработи и други инструменти за прибирање податоци како што се барања за пристап до информации од јавен карактер, директни дописи и писма за прибирање на потребните податоци;
• Го води процесот на испраќање/прибавување податоци од соодветните институции и установи;
• Постави релевантна структура на документот односно анализата и истата да ја потврди со одговорните лица во ХЕРА назначени на проектот;
• Ги обработи добиените податоци и да ги утврди трендовите според ресори, како и според вид на соодветната функција, време за кое функциите се извршувани и сл.;
• Направи соодветно дополнување на податоците во делот на потешкотии со кои се соочиле жените при извршувањето на високите раководни функции, како и тековни проблеми во извршувањето на функциите, но и одредени придобивки и позитивни искуства (преку директни интервјуа со жени кои вршеле ваков вид функции, прашалник, анкета или сл.);
• Изготви финална анализа со соодветни заклучоци и препораки за намалување на тековните родови нееднаквости и обезбедување еднакви права и можности за учество на жените и мажите на високи раководни функции;
• Осмисли кратки текстови со селектирани наоди и заклучоци за подготовка на инфографици и дисеминација на информациите до пошироката јавност;
• Подготви посебен сеопфатен документ за јавни политики за зајакнување на учеството на жените на високи раководни функции, со предвидување на неопходните предуслови и процедури развиени за оваа намена (вклучувајќи и индикација за измена на постоечките законски/подзаконски акти).
Продукти за испорака:
1. Предлог методологија и временски план за изготвување на задачата
2. Подготвени инструменти за прибирање податоци (барања за пристап до информации од јавен карактер, дописи и писма за прибавување на податоците, водич за интервју и/или прашалник/анкета и сл.)
3. Финална анализа која ќе опфати: (1) Извршно резиме (2) Опис на методологијата и начинот на прибирање на податоците (3) Ограничувања во начинот на прибирање на податоците (4) Соодветни прегледи и трендови на опфат на жени и мажи според 1. ресори 2. вид на функцијата (министри/-рки, заменици/-чки министри/-рки, државни секретари/-ки, директори/-рки на јавни установи, јавни претпријатија итн.), како и 3. време и должина на функцијата која ја извршувале (5) Проблеми и потешкотии со кои се соочиле жените во извршувањето на функциите, како и одредени придобивки и позитивни искуства (6) Заклучоци и препораки за надминување на тековните родови нееднаквости кај високите раководни функции (7) Елаборирање на сеопфатен документ за јавни политики за зајакнување на учеството на жените на високи раководни функции.
За оваа консултантска услуга е предвидена вкупна бруто сума од 2970 EUR (2500 £) во денарска противвредност. Крајниот рок за доставување на крајните продукти е 15-ти октомври 2024 година.
При изборот ќе се земат предвид следните општи услови:
• Завршено високо образование, со повеќегодишно искуство во изработка на анализи и студии од ист или сличен карактер;
• Повеќегодишно искуство во областа на родовата еднаквост и/или заштита на правата на маргинализирани групи;
• Повеќегодишно искуство во областа на креирање политики и промена на регулативата;
• Учество и работа на различни квалитативни и квантитативни истражувања;
• Развиени вештини за изготвување и пишување на извештаи;
• Течно говорење и пишување на македонскиот и англискиот јазик;
• Способност за планирање и организација;
• Насоченост кон навремено исполнување на зададените задачи.
Предност ќе имаат кандидат(к)и кои имаат искуство во работа со услуги од областа на социјалната и/или здравствената заштита и политика.
Потребни документи
• Кратка биографија на македонски или англиски јазик со вклучена референтна листа на претходни слични ангажмани
• Предлог методологија и временски план за изготвување на задачата на македонски или англиски јазик
Јавниот повик е отворен за сите заинтересирани кандидат(к)и до 30-ти јули 2024 година.
Документите со назнака/предмет на пораката Јавен повик за избор на Консултант/ка за подготовка на: Анализа на учеството на жени на високи раководни функции во јавниот сектор во изминатите 10 години и подготовка на документ за јавни политики за зајакнување на учеството на жените во донесувањето одлуки, кандидат(к)ите можат да ги достават електронски на следната е-маил адреса: konkurs@hera.org.mk;
Лицата коишто аплицирале ќе бидат известени за резултатите од повикот по електронски пат, во рок од најмногу 3 дена од донесувањето на одлуката за избор.
ХЕРА гарантира дека при изборот сите кандидат(к)и ќе имаат еднакви услови, без разлика на етничката припадност, родовото изразување, сексуалната ориентација, возраста, брачниот и родителскиот статус, расата, попреченоста или било која друга основа.