Дискриминацијата и стереотипите, ниското ниво на образование и квалификации, социо-економската маргинализација, недостигот на поддршка и услуги и пристапот до дигитални уреди и Интернет се клучните пречки со кои се соочуваат Ромките и корисниците на гарантирана минимална помош при пристапот до пазарот на трудот, покажува нашата анализа.
Стапката на вработеност меѓу Ромите изнесува 23 %, што е приближно двојно под националниот просек. Алармантен е податокот за вработеност на Ромките – само 8 %, што укажува на големи предизвици и драстичен родов јаз. Истовремено, мора да се истакне дека околу 25 % од ромската заедница работи неформално: мажите најчесто се бават со трговија, такси-услуги, градежништво и земјоделство, а жените со трговија и хигиенски услуги. Недостигот од финансиски средства е најважната причина за непосетувањето градинка, основно и средно училиште. Финансиската неизвесност си го зема данокот и кога е здравјето во прашање: според основните здравствени показатели, очекуваниот животен век кај Ромите е 10 години пократок од националниот просек.
Токму затоа, освен што ги утврдува и аргументирано го поткрепува постоењето на пречките поради кои Ромките и корисниците на гарантирана минимална помош потешко или воопшто не пристапуваат до пазарот на трудот, оваа анализа дава и предлози како да се подобрат јавните политики за конечно да се надминат предизвиците со кои се соочуваат овие наши сограѓани.
Податоците содржани во анализата недвосмислено упатуваат дека ако сакаме да се создадат услови и можности за достојно вработување и за економска независност – што ќе придонесе за подобрување на општата социо-економска ситуација во заедницата – надлежните мора да преземат значајни мерки. Кога велиме надлежните, мислиме на институции како Министерството за труд и социјална политика, Државниот инспекторат за труд и Агенцијата за вработување кои го контролираат пристапот до пазарот на трудот и кои имаат законска обврска да ги спроведуваат законите и да ги штитат и правата на овие граѓани.
Анализата е достапна на македонски и на англиски јазик.