Пред Вас е документот за јавни политики „Пристап до примарната здравствена заштита за Ромките и жените со попреченост за време и по ковид-19“ кој ги сумира клучните наоди од истражувањето што во текот на 2023 година го спроведе ХЕРА во соработка со граѓанските организации „Полио плус – движење против хендикеп“, Здружението за промоција и развој на инклузивно општество – Инклузива и Здружението „Иницијатива за правата на жените од Шуто Оризари“ и со поддршка од Националниот демократски институт (НДИ).
Го спроведовме за подобро да разбереме во која мера различни фактори влијаеле врз пристапот до здравствени услуги на примарно ниво на здравствена заштита, особено до превентивните здравствени услуги, за двете ранливи популациски групи – Ромките и жените со попреченост. Токму затоа, истражувањето посебно се осврнува на влијанието на ковид-пандемијата, како здравствена вонредна состојба, но како подеднакво важни ги зема предвид и чувството на дискриминираност при користењето на здравствената заштита кај матичните лекари, присуството на корупција при стекнувањето на одредени здравствени права, културните и личните фактори поврзани со превентивата и вакцинацијата итн.
Документот за јавни политики содржи и препораки со чиешто спроведување креаторите на политики и другите чинители во здравствениот сектор и пошироко би можеле не само значително да ги унапредат здравствените права на Ромките и жените со попреченост, туку и да осигурат подобра подготвеност за случаи на идни можни вонредни состојби.
Документот е достапен на македонски и на англиски јазик.