Пред Вас е нашиот Осврт кон проширувањето на Европската Унија за 2023 година, со фокус на сексуалното и репродуктивното здравје и права (СРЗП) во нашата земја.
Сексуалните и репродуктивните права се дел од основните човекови права и предуслов за постигнување на родовата еднаквост. Имајќи го предвид ова, како и фактот дека нашата држава и натаму цели кон пристапување во ЕУ, овој осврт дава преглед на промените што е потребно да се направат за да можат граѓаните да уживаат во СРЗП, а особено жените, младите и општествено исклучените заедници засегнати од ХИВ.
Оваа година ја одбележа засилувањето на антиродовото движење, кое поддржано од Македонската православна црква и уште четири големи верски заедници во државата, продолжи да пласира дезинформации не само против сеопфатното сексуално образование, туку и против родовата еднаквост и да охрабрува говор на омраза којшто и натаму останува несанкциониран од страна на државата.
Сеприсутното семејно и родово базирано насилство станува сѐ повидливо, но и држават и натаму одделува исклучително малку буџетски средства за сервиси за жртвите на насилство.
Сликата за сексуалното и репродуктивното здравје и права и за родовата еднаквост во земјава може да се илустрира и преку драстичното намалување на буџетите за граѓанските организации кои даваат услуги за ХИВ и СРЗ и за бесплатна контрацепција за општествено исклучените жени во општеството, особено за невработените и Ромките.
Како и ланскиот, така и годинешниот извештај ги истакнува пропустите во спроведувањето на законодавството и политиките заради заштита и унапредување на овие права за сите луѓе во Македонија.
Освртот кон проширувањето на ЕУ за 2023 година, со фокус на СРЗП, е достапен на англиски јазик.