Иако невработеноста е значителнo опадната во текот на изминатите години и достигнува 15,9 % во третиот квартал од 2021 година, сепак стапката на невработеност на Ромите остана непроменета. Според податоците од социјалното мапирање од 2018 година, стапката на вработеност на Ромите изнесува 23 %, речиси двојно помала од националниот просек, додека стапката на невработеност на Ромите е рекордно висока и изнесува 67 %. Кај Ромките, пак, стапката на вработеност изнесува само 8 %.
За да се намали невработеноста, Оперативниот план за вработување предвидува мерки за работодавачите да ги охрабрат Ромите да вработуваат други Роми или да развиваат сопствени бизниси, како и мерки за зголемување на вештините на невработените. За да видиме дали и во која мера се променила ситуацијата на терен во споредба со 2020 година, спроведовме мониторинг на искористеноста на активните мерки и услуги за вработување од страна на Ромките.
Извештајот од мониторингот во 2021 година јасно укажува дека економската, здравствената и енергетската криза ја продлабочи нееднаквоста на најранливите категории граѓани. Иако бројот на Ромките со високо образование, во периодот од 2019 до 2021 година пораснал за 50 % на национално ниво (т.е. од 10 на 15 Ромки), сепак загрижува податокот дека пораснала невработеноста кај младите Ромки на возраст меѓу 20-24 години, за дури 137 %. Загрижува и порастот кај Ромките на возраст над 60 години, кај кои процентот се зголемил за 172 % во споредба со 2019 година.
Исклучително мал процент од Ромките (само 2 %) искористиле некоја од мерките за вработување од вкупниот број лица кои искористиле некоја од мерките. Иако има зголемување на искористеноста на мерките од страна на Ромките за 31 % во споредба со 2019 година (163 Ромки), сепак, за 165 % повеќе Роми (589) биле дел од активните мерки. И покрај тоа што бројот на Ромки кои биле дел од активните мерки
од година во година бележи минимално зголемување, сепак, кога ќе се земе предвид зголемената стапка на невработеност и зголемениот број на регистрирани невработени Ромки, овој број е повторно мал и не придонесува за намалување на нивната невработеност.
Целосниот извештај од мониторингот, којшто вклучува и препораки до надлежните институции, е достапен тука.
*Документот е резултат на мониторинг активностите на Неформалната група за застапување на правата на Ромките во рамките на проектот „„Вработена Ромка = независна Ромка“, поддржан од Фондацијата „„Квина тил Квина“, кои беа спроведени во текот на 2022 година. Оваа неформална група, која е формирана во 2019 година со техничка поддршка на ХЕРА, се застапува за еднакви можности за вработување на Ромките во нашата држава.