Иако родовата рамноправност и унапредувањето на положбата на жените во општеството се неделиви од демократијата, сепак жените во светот не се доволно застапени во кој било домен од социо-политичкиот живот и далеку се од сите нивоа на одлучување. Ова е особено видливо кај Ромките кои се меѓу најисклучените групи во општеството. Сакајќи да увидиме дали и во која мера се променила ситуацијата кај нас на терен, особено во споредба со 2020 година, спроведовме мониторинг на вработувањето на Ромките во овдешните државни институции.
Извештајот од мониторингот во 2021 година повторно потврди дека вработувањето на Ромките во државните институции кај нас е сè уште недоволно и дека постојат национални институции кои немаат ниту една вработена Ромка.
Колку за илустрација, евидентно е намалувањето од 37 % на бројот на вработени Ромки во министерствата, во кои во 2019 година имало 77, а во 2021 година само 46 Ромки. Најголем број вработени Ромки (14) во министерствата се бележи во Бирото за јавна безбедност при Министерството за внатрешни работи.
Од друга страна, иако се бележи зголемување од 73 % на бројот на вработени Ромки во единиците на локалните самоуправи од 2019 до 2021 година, сепак, бројот не е доволен за да се забележи соодветна и правична застапеност на помалите заедници во институциите. Во институциите на Владата на РСМ има најголем процент вработени Роми (односно 3 %), при што само 27 % од нив се Ромки, што ја продолжува низата на примери на родова нееднаквост. Од вкупно 166 мониторирани институции во кои се вработени 2.782 лица на раководни позиции, само 6 се Ромки.
Целосниот извештај од мониторингот, којшто вклучува и препораки до надлежните институции, е достапен тука.
*Документот е резултат на мониторинг активностите на Неформалната група за застапување на правата на Ромките во рамките на проектот „„Вработена Ромка = независна Ромка“, поддржан од Фондацијата „„Квина тил Квина“, кои беа спроведени во текот на 2022 година. Оваа неформална група, која е формирана во 2019 година со техничка поддршка на ХЕРА, се застапува за еднакви можности за вработување на Ромките во нашата држава.