Платформата за родова еднаквост изразува сочувство до семејството на пациентката од Прилеп и најостро реагира на негрижата на државата и на здравствените институции поради груба повреда на човековите права и флагрантното кршење на законите во државата како директна причина за настанатата смрт.
Имено, според информацијата пласирана во јавноста, постојат индикации за кршење на законите во однос на обезбедување соодветни санитарно-хигиенски услови во здравствена установа, односно за отсуство на примена на соодветни хигиенски мерки чија директна последица е смрт кај пациентката. Ова укажува на сторено тешко кривично дело против здравјето на луѓето што, за жал, се повторува повеќе пати изминатиот период во нашата држава. Пациентката, по изведена киретажа во прилепската Болница, била испратена на домашно лекување, за веќе следниот ден да се врати со сериозно влошена состојба и по препраќањето на Инфективната клиника во Скопје, да настапи смрт. Ова било причина да се затворат операционите сали во прилепската Болница и да се испратат брисеви на испитување. Она што сериозно загрижува и што не смее да помине без одговорност, е сомнежот за присуство на многу ретка и опасна интрахоспитална бактерија во здравствената установа.
Иако, според известувањето од болницата, е започната процедура за проверка на присуство на интрахоспитална бактерија, немаше официјално известување од Министерството за здравство, ниту информација за постапување на Државниот санитарен и здравствен инспекторат.
Овој случај е кулминација на континуираното известување во врска со лошите болнички услови и немањето пристап до квалитетни услуги и грижа за сексуално и репродуктивно здравје во нашата држава. Неодамна веќе реагиравме за случајот со Јелдз Веапоска, во кој шокантна беше објавената констатација дека не постои лекарски пропуст или грешка кај гинекологот Мухамед Асани, кој и натаму е директор на струшката болница и сопственик на нерегистрирана гинеколошка ординација.
Имајќи го сето ова предвид, Платформата за родова еднаквост бара под итно:
- Целосна транспарентност и објавување на резултатите од испитувањето на бактериолошката состојба на просториите во болницата во Прилеп;
- Министерството за здравство да излезе со соопштение и да преземе одговорност во врска со случајот и во врска со санитарно-хигиенските услови во здравствените установи низ државата;
- Државниот санитарен и здравствен инспекторат да изврши инспекциски надзор и да ја извести јавноста за резултатите.