Спортувањето и грижата за здравјето не смеат да се запостават ниту во услови на пандемија!
Токму затоа, годинава се здруживме со Специјалната Олимпијада Македонија за да одбележиме недела на здрави животни стилови на лицата со (интелектуална) попреченост и за да потсетиме дека услугите и информациите за сексуалното и репродуктивното здравје мора да бидат достапни и пристапни за секого, а муабетите на оваа тема ослободени од срам и страв.
Иако според Конвенцијата на ООН за правата на лицата со попреченост, државите мора да обезбедат еднаква достапност до здравствените услуги за лицата со попреченост, нашите квалитативни истражувања покажуваат дека:
- здравствените установи кај нас не се физички пристапни,
- не постојат соодветно адаптирани и прилагодени информации за лицата со попреченост,
- здравствените работници и соработници најчесто не се подготвени да разговараат за различните потреби што луѓето со попреченост ги имаат во однос на сексуалноста и сексуалното и репродуктивно здравје,
- дополнително, лицата со интелектуална попреченост неретко се третираат како деца, па наместо тие самите, одлуките за нивното сексуално и репродуктивно здравје ги носат нивните родители/старатели.
Жените со попреченост, пак, честопати не можат да си го остварат правото на сексуално и репродуктивно здравје поради:
- недостиг на информации за безбедна и ефикасна контрацепција,
- недостиг на информации за проблемите со фертилноста кај жените со попреченост,
- недостапност на гинеколошки услуги поради непристапна медицинска опрема,
- послаба пристапност до информациите за породување, безбеден секс, третман на сексуално преносливи инфекции,
- погрешната перцепција дека жените со попреченост се асексуални, поради што може да не добијат советување за контрацепција,
- негативни искуства со бременоста и породувањето поради игнорантскиот однос на некои здравствени работници кон перинаталните потреби на жените со попреченост, негативните ставови кон сексуалноста на лицата со попреченост и несоодветната комуникација.
Токму затоа, услугите за сексуално и репродуктивно здравје во нашите младински центри „Сакам да знам“ се бесплатни, доверливи и отворени буквално за сите!