Пред Вас е Годишниот извештај за работењето на ХЕРА во 2020 година – година што сите ќе ја памтиме по пандемијата предизвикана од ковид-19. Невидливиот вирус ги направи уште повидливи родовата нерамноправност и системската исклученост на маргинализираните и ранливите групи на граѓани. Придонесе драстично да се намали капацитетот на здравствените установи, со што уште повеќе се ограничи пристапот до здравствени услуги за помалку привилегираните и често стигматизираните, а онаму каде што имаше здравствени услуги, неретко имаше и нелегална наплата.
Токму затоа, со поддршка од нашите донатори, не престанавме да обезбедуваме услуги – затоа што грижата за сексуалното и репродуктивното здравје не смее да запре во услови на криза. Двократно ја зголемивме психо-социјалната поддршка за девојките и жените жртви на насилство, за бремените не изостана континуираната антенатална грижа и советување преку мобилните амбуланти, а на Ромите, лицата со попреченост и сексуалните работнички им поделивме повеќе од илјада хуманитарни пакети, бесплатни заштитни материјали и витаминска терапија. Преку нашето социјално претпријатие „Нега Плус“ им помогнавме на повеќе од 200 стари лица во Скопје во набавката на прехранбени продукти и во грижата за домот.
Во време кога училиштата беа затворени, а движењето на луѓето ограничено, дигиталната технологија ни помогна да продолжиме со сексуалното образование со младите, па покрај врсничките едукации, нашите ХЕРА Млади го смислија и Феминистичкиот читателски клуб како безбедно катче каде што може да се разговара за феминистичкото движење. Лани, по десет години борба за интегрирање на сексуалното образование во образовниот систем, овој изборен предмет конечно стана дел од предложените реформи за основното образование.
Конечно, минатата година ќе ја памтиме и по одбележувањето на нашата 20-годишнина. Пандемијата нѐ спречи да го прославиме јубилејот како што доликува, но не и да се потсетиме на успесите, да наградиме дел од нашите соработници и активисти и да се заложиме и понатаму да придонесуваме за свет во кој сите луѓе ќе можат слободно да ја слават сексуалноста и да живеат во социјален мир.
Многу повеќе за сето ова, како и за останатото сработено лани можете да прочитате во Годишниот извештај за 2020 година кој е достапен на македонски и англиски јазик.