Пред вас е Годишниот извештај за работењето на ХЕРА во 2021 година – уште една година која помина во знакот на пандемијата предизвикана од ковид-19. Ја одбележа и продлабочената социјална и здравствена криза, која особено ја почувствуваа ранливите заедници.
Токму ним им се првенствено наменети нашите здравствени и социјални услуги, имајќи ги предвид нивните секојдневни потреби, но и предизвиците што ги опкружуваат, како оние на жените кои живеат во насилна средина. Ако на сето ова ги додадеме и интензивниот говор на омраза и нападите на социјалните мрежи на т.н. антифеминистички групи против сеопфатното сексуално образование, а особено против организацијата и наши членови и вработени, тогаш нема да претераме ако кажеме дека 2021 година беше несомнено предизвикувачка за да ги постигнеме целите што си ги поставивме на почетокот на годината.
Нашата ланска година ја одбележаа и неколку исклучително значајни достигнувања. Заедно со Бирото за развој на образованието ја спроведовме експерименталната програма за сеопфатното сексуално образование во три основни училишта во Македонија, а евалуацијата ќе ни покаже како понатаму може да се интегрира наставата за ССО во формалниот образовен систем. На Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство го пилотиравме медикаментозниот абортус: 200 девојки и жени за првпат во земјата ги почувствуваа придобивките од оваа здравствена услуга која се покажа како ефикасна, безбедна и прифатлива.
Како дел од работните групи во Министерството за труд и социјална политика, учествувавме во подготовката на новиот Закон за спречување на насилството и на семејното насилство, кој беше усвоен во Собранието на почетокот на годината и кој е исклучително важен бидејќи предвидува усогласеност на стандардите на сервисите за родово засновано насилство со препораките на Истанбулската конвенција. Освен тоа, успеавме да обезбедиме и препознаеност на сеопфатното сексуално образование во Законот, како дел од ингеренциите на Министерството за образование и наука во создавањето наставни содржини за основно и средно образование и во организирањето континуирана обука на наставниот кадар.
За овие активности, како и за низа други што ги спроведовме во текот на 2021 година, можете да прочитате во годишниот извештај кој е достапен на македонски и англиски јазик.
На крај, сакаме да им се заблагодариме на сите наши членови, соработници и донатори за дадената поддршка и за сето она што го прават за ХЕРА во изминатите години. Силно веруваме дека успесите нема да нè одминат ни следната година.
Да останеме здрави и безбедни!