Пред вас е Годишниот извештај за работењето на ХЕРА во 2022 година – година што ќе ја памтиме по воената криза во Украина и светската енергетска криза, но и по драстичните буџетски кратења со што Владата ја срози превенцијата за ХИВ во Македонија, како и по окрупнувањето на антифеминистичкото движење кому силен ветер во грб им дава неказнивоста на говорот на омраза и неажурноста на надлежните институции.
Во вакви околности е уште позначајно да се истакнат и уважат успесите!
Четиринаесет стручни здруженија и граѓански организации ни се приклучија во заложбата за воведување на #ССОнаКлупа, потпишувајќи ја Декларацијата „Со сексуално образование во училиштата до поздрава и побезбедна младина“. За првпат во земјата беа обучени дваесетина професионалци за советување и третман на мажи во криза и на сторители на насилство. Подготвивме и меѓуресорски Оперативен план и Концепција за советувалишта за мажи во кризи, учествувавме во националните консултации и работни групи за усвојување на новата Стратегија за родова еднаквост и заедно со локални женски организации го помогнавме процесот преку кој Општина Струмица усвои Акциски план и буџет за услуги за семејно насилство. Особено сме горди што успешно ја спроведовме пилот-програмата за самотестирање за ХИВ преку која околу 700 лица направија тест за ХИВ во домашни услови и што заедно со нашите членови и соработници заедно работевме на новата Стратегиска рамка (2023 – 2028).
За овие активности, како и за низа други што ги спроведовме во текот на 2022 година, можете да прочитате во годишниот извештај кој е достапен на македонски и англиски јазик.
На крај, сакаме да им се заблагодариме на сите наши членови, соработници и донатори кои ни помогнаа да ја пребродиме (и) оваа кризна година. Поддршката и довербата што ни ја даваат ни влеваат уште повеќе сила да истраеме во заложбите за сексуалните и репродуктивните права – оти светот ќе се менува, но без нив не може да биде ниту поправичен ниту подобар.