Во 2013 година излезе статија со наслов „Шок: Знаците на педофилија во лектирата ‘Снеговите на Климентина Евин‘ на Горјан Петрески“. Тематиката на „Снеговите на Климентина Евин“ е едноставна – девојче во основно училиште ја доживува својата прва љубов. Несреќното во тоа е што таа се вљубува во својот наставник по физика. Претставено вака, не е јасно што точно е толку контроверзно во книгата – сосема е нормално тинејџерите да формираат симпатии кон нивните наставници. Но, наскоро се појавуваат црвените знамиња.
Климентина Евин не е како останатите девојки. Таа сака стари филмови, ги слуша Битлси и класична музика, а единствената личност со која постојано се дружи е баба ѝ иако има неполни 14 години, не само што го знае методот на планирање семејство на мајка си, туку има и целосно оформено мислење за тоа.
На моменти, ликот остава впечаток дека не станува збор за ништо повеќе освен за начин преку кој авторот ја шири својата идеолошка пропаганда. Уште на самата прва страна, Климентина го прогласува национализмот за помодност, но никаде овој момент не е поочигледен отколку настрана 66. Сосема нафрлено, никако поврзано со претходната тема на разговор, детето изјавува:
„Ти тврдам дека сепак можеле да родат барем уште едно дете. Но пилулите за контрацепција, што ги има во изобилство, се затворено сито на денешново време, низ кое не можат да поминат децата. […] И знам дека пилулите за контрацепција се себичност, заблуда на денешните родители. И мама и тате се себични.”
Дете без никакво сексуално искуство, дете кое штотуку ја искусува својата прва љубов, е претставено како експерт за репродуктивнo здравје. Иако не постојат податоци за употребата на орална контрацепција меѓу младите во земјава во 1991, годината во која е издадена книгата, можеме да се осврнеме на истражувања од Западниот свет.
Во едно истражување објавено од страна на Институтот Гутмахер, непрофитна организација базирана во САД која работи на проучување, едукација и унапредување на сексуалното и репродуктивното здравје и права, во периодот од 1991 до 2003 година, употребата на контрацепција се зголемува меѓу тамошните сексуално активни средношколци. Односно, дури 20 % повеќе девојки пријавиле дека користеле кондом при последниот секс (зголемување од 38 % на 58 %), а опаѓа користењето на методот на извлекување (од 19 % на 11 %) или некористењето на каков било метод. Употребата на хормонални методи малку се променила во овој период, бидејќи падот на употребата на пилули (од 25 % на 20 %) бил неутрализиран со употреба на инјекции (5 % во 2003 година).
Ризикот од бременост кај девојките се намалил за 21 % во текот на тие 12 години. Најголемиот напредок во употребата на контрацептивни средства и ризикот од бременост се забележани кај ученици во прва година средно образование (потсетник дека Климентина е во осмо одделение при крајот на книгата). Во 2003 година, 67 % од учениците во прва и учениците во втора година средно образование користеле кондоми. Седумнаесет проценти од учениците во прва година средно образование користеле хормонски методи; овој сооднос беше приближно ист кај учениците во втора година, но беше значително различен кај учениците од трета и четвртта година (28 % и 32 %, соодветно). И во 1991 и во 2003 година, ризикот од бременост е највисок за учениците од прва година средно образование. Сепак, во периодот помеѓу 1991 и 2003 година, најголем напредок покажала токму оваа група – нивната оценка за ризик од бременост паднала за 28 %.
Во однос на малолетничката бременост, според Центарот за контрола и превенција на болести на САД, стапката на бременост кај тинејџерките во 1991 година изнесувала 61,8 раѓања на 1.000 девојки. Една деценија претходно била 110 бремености на 1.000 девојки.
Сепак, претставувањето на овие статистики изгледа залудно, со оглед на тоа што авторот преку својот лик изјавува дека „контрацепцијата е зло, па ако останете трудни, иако сте малолетни, вие гледајте да раѓате.“
Повторно, Климентина Евин не е како останатите девојки – таа е зрела за својата возраст. Повторно и повторно, се воспоставува дека таа е доволно возрасна да знае во што навлегува. Ова се забележува низ нејзините постапки, низ нејзините манеризми, па дури и преку начинот на кој зборува за својата симпатија – во еден момент, таа се нарекува заводничка.
Иако најголем дел од книгата е низ гледната точка на Климентина, добиваме увид во перспективата на нејзиниот наставник, Андреј Ковачки. Првата сцена што би ја посочиле е денот на екскурзијата во Свети Наум, кога Климентина се впушта во езерото и го плива остатокот од растојанието до манастирот. Нејзината наставничка по англиски е загрижена, но Ковачки ја разубедува. Ја истакнува нејзината зрелост и сигурност – да не било така, ќе запливал по неа за да биде сигурен дека е безбедна.
Другата сцена е како тој лежи на својот кревет и размислува за својата ученичка. Возвишено девојчиште, ја нарекува. „Ѓаволска“ е зборот што го употребува.
Ова не мора да значи ништо, но секако самиот крај на книгата го покажува спротивното. Ковачки ја повикува Климентина во својот кабинет по часовите, за да му помогне да ги вратиинструментите на место. Самата сцена е чудна од почеток, со тоа што наставникот ѝ се обраќа со „убава девојко“. Завршува така што тој ја влече кон себе и се обидува да ја бакне, а потоа таа бега надвор од училиштето.
Како што започна текстот со статистика од САД, така и ќе продолжи кога станува збор за сексуалното вознемирување и насилството во образованието. Во едно истражување, Американската асоцијација на универзитетски жени утврди дека 38 % од учениците кои биле жртви на сексуално вознемирување, претходно биле сексуално вознемирувани од наставници или од други вработени во училиштето.
Сексуалните односи меѓу наставниците и учениците предизвикуваат огромна загриженост поради злоупотребата на довербата и конфликтот на интереси – и овие точки обично не се опфатени во политиките за сексуално вознемирување кај нас, но и надвор од државата.
Прашањето за злоупотреба на довербата се отвора кога постојат сексуални односи меѓу наставникот и ученикот. Ова се случува кога довербата поврзана со професионален однос е уништена поради непрофесионални постапки или барања за непрофесионални дејствија. Наставниците се во позиција на авторитет и имаат доверба да го поттикнат интелектуалниот развој на своите ученици. Кога се впуштаат во сексуални односи со ученик, тие ја нарушуваат таа доверба имплицитна во професионалниот однос наставник-ученик.
Конфликт на интереси може да настане кога професионалните одговорности на наставникот се засегнати или се чини дека се засегнати од посебен личен однос со ученикот. Тие може да вклучуваат фаворизирање на ученик сексуално поврзан со наставникот или непријателство кон ученик поради мината врска. Ако наставникот е сексуално поврзан со ученик, колегите може да се чувствуваат под притисок да му дадат повластен третман на ученикот, како што се подобри оценки, продолжување на рокови за есеи, дополнителна помош или академски можности. Кога има повеќе односи меѓу неколку вработени и студенти, можностите за конфликт на интереси се огромни. Дури и ако нема фаворизирање или непријателство, тоа може да биде сфатено од другите на тој начин.
Како за крај, ова претставува обид за сексуален напад врз малолетник – Климентина има неполни 14 години, со што правно не е способна да даде согласност.
Во својата критика, Илина од Букбокс на Off.net.mk ја препорачува „Лолита“ од Набоков како замена. „Тогаш, ако ништо друго, децата ќе читаат светски ремек-дела,“ пишува, „а не квази-идеолошки памфлети и потсвесни еротски фантазии на еден потпросечен домашен автор.“