Вчера се одржа протестен собир пред Министерството за финансии, со цел изразување на потребата од итни промени на економските регулативи во однос на производите за менструална хигиена. Протестот го одржаа активисти од регионалната Мрежа за родово-одговорно буџетирање, Платформата за родова еднаквост и „PERIOD Movement Skopje“ кои побараа намалување на ДДВ на менструалните производи од 18% на 5% со цел создавање на пониски цени и поттикнување на употребата на менструалните чашки со ценовно субвенционирање. Меѓу барањата е и одвојување средства од буџетот за создавање соодветни услови за одржување менструална хигиена во тоалетите на училиштата и јавните тоалети, како и бесплатни и достапни менструални производи во училиштата и јавните тоалети.
Го проследуваме интегралниот текст на прогласот:
Менструалната хигиена не е привилегија!
Денеска по повод 28 мај – Денот на менструалната хигиена, ние, здружени активистки и активисти-претставници на регионалната Мрежа за родово-одговорно буџетирање, Платформата за родова еднаквост и PERIOD Movement Skopje, сме пред Министерството за финансии да ставиме крај на менструалната и женската сиромаштија. Тука сме да побараме директно олеснување на достапноста и пристапноста до производи за менструална хигиена.
Менструалната сиромаштија е глобален проблем кој ја засега и нашата држава. На глобално ниво, околу 500 милиони луѓе кои менструираат немаат пристап до менструални производи. Во Република Северна Македонија:
- 55,3 % од работоспособните жени и девојки се економски неактивни или невработени, а со тоа и економски зависни;
- 22 % од жените на возраст од 18 до 64 години живеат под прагот на сиромаштијата;
- Стапката на ДДВ за менструалните производи е 18 % – исто колку и за шише виски или, пак, кутија цигари.
Менструалните производи не се луксузно добро, туку основна потреба!
Последните две истражувања, спроведени од Реактор и Тииит! Инк. и од Новинари за човекови права покажуваат дека:
- 77 % од анкетираните жени и девојки трошат до 400 денари месечно на производи за менструална хигиена;
- Секоја трета испитаничка барем еднаш во животот се нашла во ситуација да нема пари да купи влошки и да мора да импровизира со крпи, весници, тоалетна хартија и сл;
- 29,5 % од жените кај нас не можат да си дозволат никакви менструални производи;
- Во јавните тоалети во нашата земја нема услови за безбедно и достоинствено одржување на менструална хигиена.
- Во 2021 година за 70 % е зголемен бројот на вагинални инфекции поради недостапност до соодветни производи за управување со менструалното здравје.
Тука сме да ја разбиеме менструалната стигма. Не, менструацијата не е срамна. Менструацијата е природна појава за секое девојче, девојка и жена со која во просек се справуваме 38 години од животот. Менструалното искуство за секоја од нас е различно во времетраењето, обемот, болката, но она што ни е заедничко е потребата од менструални производи за ефикасно, безбедно и квалитетно одржување на менструалната хигиена.
Спроведената анализа на трошоци покажува дека на годишно ниво во Северна Македонија потребно е да се издвојат помалку од 1% од буџетот за да се обезбедат бесплатни менструални производи за ученичките од основно и средно образование. Менструалното здравје е прашање од јавен интерес, а менструалната правда е предуслов за социјална правда.
Кризата предизвикана од пандемијата со ковид-19 и воено-политичките случувања во Европа уште повеќе ја загрозија финансиската положба на илјадници жени и семејства во државата. Купувањето на менструални производи влијае на буџетот на секое семејство. Европскиот парламент во 2019 година донесе Резолуција со која ги повикува земјите-членки да ги намалат даноците за производи за менструална хигиена, повикувајќи се на начелата на родова еднаквост и недискриминација. Оваа директива е веќе спроведена од Белгија, Холандија, Португалија, Франција и Кипар каде што данокот се движи од 6 % до 5 %.
Бараме државата – која се декларира како земја кандидат за членство во Европската Унија – да ја преземе својата обврска и да го олесни одржувањето на менструалната хигиена за 50 % од населението. Националниот буџет мора да биде родово одговорен и распореден да ги задоволува подеднакво потребите на жените и девојчињата, како и на мажите и момчињата.
- Бараме намалување на данокот на додадена вредност од 18 % на 5 % на менструалните производи со цел намалување на нивната продажна цена;
- Бараме поттикнување на употребата на менструални чашки преку субвенционирање на цената;
- Бараме одвојување средства од буџетот за создавање на соодветни услови за одржување менструална хигиена во тоалетите на училиштата и јавните тоалети;
- На товар на Буџетот на државата бараме бесплатни и достапни менструални производи во основните и средните училишта и во јавните тоалети на територија на Република Северна Македонија.
Менструалната хигиена не е привилегија. Менструалните производи не се луксузно добро!
5% ДДВ СЕГА!
// Фотографиите се преземени од Фејсбук страницата на PERIOD Movement Skopje