Конечно, по усвојување на информацијата од страна на Владата на Република Северна Македонија на 5 ноември 2019 година за пилотирање на сексуалното образование, ХЕРА и Бирото за развој на образованието од денеска започнуваат со обуката на наставници од четири основни училишта во земјава.
Обуката за наставници е првата фаза од воведувањето на сексуалното образование во формалното образование. Пилот-програмата ќе се спроведува во четири основни училишта во Скопје и Тетово во урбана и рурална средина. При селекцијата, се користеа критериуми на правична застапеност на етничките заедници и градско-руралниот карактер на училиштата. Обуката се состои од практичен и теориски дел и ќе биде реализирана до крајот на годината. Наставниците ќе имаат можност да се стекнат со неопходните знаења и вештини за сите теми поврзани со сеопфатното сексуално образование согласно последните препораки на УНЕСКО[1] за возраст од 12 до 15 години, односно род и пол, сексуално и репродуктивно здравје и ХИВ, сексуалност, насилство, граѓански аспекти и дискриминација, тело и слика за телото, и врски и односи.
Паралелно со спроведувањето на наставата во четирите основни училишта (т.н. експериментални) ќе се спроведе и евалуација на пилот-програмата. Евалуацијата ќе покаже колку наставата ги подобрила знаењата и ставовите на младите поврзани со теми од сексуалното образование. Токму затоа, предмет на евалуацијата ќе бидат и 20 основни училишта (т.н. контролни) за да може подобро да се споредат ефектите од пилот-програмата.
По завршувањето на обуката, следната година започнува втората фаза во која сеопфатното сексуално образование ќе биде дел од изборните предмети во овие училишта. Наставната програма која е претходно подготвена заедно со експерти и со Бирото за развој на образованието, се состои од 36 училишни часа. Секој наставник, покрај обуката, ќе добие и пакет прирачни материјали, кои беа подготвени во текот на 2020 година, за спроведување на наставата.
Успешноста на пилот-програмата е само прв чекор во изнаоѓањето на системско решение за интегрирање на сексуалното образование во образовниот систем.
Резултатите од пилоот-програмата и евалуацијата ќе бидат основа за креирање на долгорочна образовна стратегија на Министерството за образование и наука за задолжително изучување на темите од сексуалното образование. Дополнително пилот -програмата ќе овозможи и подготовка на соодветен наставен план за сексуалното образование кое би се изучувало и во основните и во средните училишта во иднина, согласно образовните реформи.
Со воведување на сексуалното образование во образовниот систем ќе имаме млади кои ќе бидат образувани и ќе носат информирани одлуки за своето здравје и благосостојба. Сексуалното образование во повеќето земји се изучува за време на целиот образовен процес односно од основно па сé така до завршувањето на средното училиште. Во државите каде што сексуалното образование не е дел од формалниот образовен систем, стапките на малолетнички бремености се многу високи, но она што е уште поважно како податок е дека оваа бројка драстично опаѓа по воведувањето на овој предмет. Придобивките кои ги имаат државите кои го препознаваат сексуалното образование во формалниот образовен систем се превенција на рана, непланирана и непосакувана малолетничка бременост, млади кои се грижат за своето здравје, млади кои ќе научат кои се нивните права и како да ги заштитат, кои ќе научат да препознаат и да пријават врсничко, партнерско и секаков вид на насилство и кои ќе знаат како да развиваат социјални и сексуални односи кои ќе се базираат врз почит, согласност и достоинство.
Пилот-програмата е поддржана од Меѓународната федерација за планирано родителство (МФПР) и Фондот за население при ООН (УНФПА).
[1] UNESCO. International technical guidance on sexuality education, 2018 https://www.unaids.org/sites/default/files/media_asset/ITGSE_en.pdf