По повод 1 декември, Светскиот ден на СИДА, Платформата за одржливост на сервисите за превенција и поддршка за ХИВ информира дека и во услови на криза, граѓанските организации низ државата секојдневно спроведуваат теренски и стационарни услуги за превенција, тестирање и поддршка поврзана со ХИВ помеѓу клучните популации, предвидени со Програмата за заштита на населението од ХИВ-инфекција. Покрај справувањето со ХИВ, организациите прават и дополнителни напори за да ја стават постојната инфраструктура за ХИВ во функција на справувањето со ковид-19, со мобилизирање на дополнителни средства:
- задолжително информирање на корисниците за превенцијата и заштитата од ковид-19 и поддршка во искористувањето на постоечките владини мерки,
- обезбедување и дистрибуција на заштитна опрема за корисниците на услугите,
- доставување на редовна терапија за ХИВ до пациентите од другите градови, во соработка со Универзитетската клиника за инфективни болести и фебрилни состојби, за да се избегне непотребно патување до Скопје на оваа група пациенти, кои се под поголем ризик од ковид-19,
- обезбедување симптоматска терапија за корисниците за дрога, како и заштитна опрема и материјали, материјална помош во вид на храна, хигиенски производи, суплементи, лекови и облека за сексуални работнички, бремени жени и новороденчиња, и Ромки.
Дополнително, преку меѓународна поддршка, Платформата е во процес на обезбедување донација од 10 000 брзи тестови за ковид-19, наменета за клучните популации.
Оваа година, околу 30 % од новооткриените случаи на ХИВ се откриени преку услугите од граѓанскиот сектор. Сепак, сè уште загрижува нискиот број на откриени случаи оваа година, којшто е двојно помал од претходната година, што укажува дека епидемијата со ковид-19 негативно влијае врз раното дијагностицирање на ХИВ, што е клучно за успешното справување со ХИВ и за остварувањето на глобалната цел за ставање крај на епидемијата до 2030 година. Луѓето кои живеат со ХИВ и редовно примаат терапија, имаат недетектабилно ниво на вирусот во крвта, односно вирусот во крвта е намален до степен што не може да се детектира, со што целосно се спречува преносот на ХИВ по сексуален пат, дури и кога не се користи заштита. Така, самата терапија за ХИВ, всушност, претставува еден од најефективните начини на превенција на ХИВ.
Граѓанскиот сектор продолжува да биде клучен партнер во националниот одговор кон ХИВ, и во опфатот на тешко достапните популации со есенцијалните услуги за ХИВ. За да се одржи континуитет на услугите за ХИВ, очекуваме Владата што побрзо да ги предложи до Собранието измените на Законот за здравствена заштита, со коишто ќе се препознаат граѓанските организации како даватели на услуги од областа на јавното здравје. Овие законски измени се веќе предвидени во Стратегијата на Владата за соработка со и развој на граѓанскиот сектор (2018-2020) и се основа за подготовка на подзаконските акти и стандардите за услугите за превенција на ХИВ, со кои ќе гарантираат одржливоста и квалитетот на услугите за ХИВ и за сексуално и репродуктивно здравје.
———
*Платформата за одржливост на услугите за превенција и поддршка за ХИВ ја сочинуваат: Здружението за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ – ЗАЕДНО ПОСИЛНИ Скопје (организација на пациенти), ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување (Скопје), ХОПС – Опции за здрав живот (Скопје), Здружение ЕГАЛ (Скопје), Здружение „Доверба“ (Скопје), Здружение СТАР-СТАР (Скопје), Црвен крст на Република Северна Македонија, „Опција“ (Охрид), „Зона“ (Кавадарци), ХЕЛП (Гостивар), Младински клуб (Штип), „Избор“ (Струмица), ПУЛС (Куманово) и „Виа Вита“ (Битола)