Годинава, ХЕРА ја одбележува својата 20-годишнина. По тој повод, им оддадовме признание на донатори, партнерски организации, стручни соработници, новинари, активисти, државни службеници, даватели на услуги и основоположници на организацијата – зашто од прва рака знаеме што значи да се поддржат првите чекори, да се препознаат резултатите и да се даде ветар во грб.
Јубилеите како овој се добар повод да се подзастане, да се сврти човек наназад и да види од каде тргнал, со која мисла, со каква цел, што научил попат, каде се сопнал, како се исправил и до каде стигнал.
Еве како низ фотографии изгледаше атмосферата од официјалното одбележување на годишнината. Сеќавањата за почетоците на нашата приказна, предизвиците, научените лекции и најважните достигнувања ги собравме на едно место – во видео-времеплов и во монографија посветена на изминатите 20 години активизам за социјални, сексуални и репродуктивни права (македонски и англиски).