Со пилотирањето на медикаментозниот абортус на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство во Скопје, оваа здравствена услуга им станува достапна на жените како алтернативна метода за прекин на бременоста, покрај веќе постојниот хируршки абортус.
Медикаментозниот абортус (уште познат и како абортус со лекови) е едноставна и безбедна процедура која сè почесто ја заменува хируршката алтернатива: абортусот со лекови се користи во дури 80 % од случаите во земјите во Европската Унија. А во услови на пандемија, абортусот со лекови се смета за побезбедна опција за прекин на бременоста бидејќи ја сведува на минимум потребата од посета на здравствените институции со што се намалува ризикот од изложеност на ковид-19.
Веруваме дека секоја жена треба сама да одлучува за своето репродуктивно здравје. Исто така, веруваме дека информацијата е здравје. Токму затоа, подготвивме брошура и флаер во кои ќе ги најдете одговорите на најчестите прашања за медикаментозниот абортус, вклучително и како се изведува медикаментозниот абортус, што да очекува жената од процедурата во наредните неколку недели и кога е потребно да се јави за помош или поддршка од лекарскиот тим.
Брошурата „Што треба да знаеш ако решиш да направиш медикаментозен абортус“ е достапна на македонски и албански јазик. Флаерот, исто така, е достапен на македонски и албански јазик.
А за правото на медикаментозен абортус во време на пандемија можете да прочитате во брошурата „Ковид-19 и правото на медикаментозен абортус“, на македонски и албански јазик.