Здравствената криза предизвикана од пандемијата со ковид-19 за милиони жени го зголеми ризикот од сексуално насилство, од недостапна контрацепција и им го ограничи пристапот до безбеден абортус. Мерките на карантин придонесоа клиниките да се затворат или да работат со ограничени капацитети. Со затворањето на границите, жените од земјите со рестриктивни закони за абортус не можеа да патуваат во соседните земји со либерални закони за да направат абортус додека, пак, пристапот во болнички услови беше ограничен со што за милиони жени прекинот на бременоста стана трка со пречки или невозможна мисија.
Во услови на криза, грижата за абортус треба да биде меѓу врвните заложби на владите кои сакаат да го заштитат репродуктивното здравје на жените. Ова значи дека кога воведуваат рестрикции во здравствените установи, надлежните мора да внимаваат да не се загрози пристапот до абортус – бидејќи абортусот е есенцијална здравствена услуга која спасува живот, а правото на здравје човеково право.
Притоа, медикаментозниот абортус треба да биде првата опција за прекинување на бременоста, како замена на хируршкиот. Оваа брошура објаснува зошто е важно жената да може да избира меѓу различните методи на прекинување на бременоста, особено во услови на пандемија и дава јасни информации што е медикаментозниот абортус, како се изведува и што потоа. Воедно, потсетува на одредбите од новиот Закон за прекинување на бременоста кои значително ја унапредуваат репродуктивната слобода на жените.
Брошурата е достапна на македонски и албански јазик.