Еко-социјалната економија е тренд кој бргу расте, бидејќи социјалните претпријатија се начин преку кој може да се намали сиромаштијата кај ранливите групи граѓани. Социјалните претпријатија веќе станаа основна програма во политиките за вработување и социјалните мерки во многу земји на ЕУ.
Тие веќе стануваат нов начин за водење на бизниси, на начин кој е далеку почовечен и еколошки поприфатлив, и така економијата која ја засегаат само пари се заменува со креативна, иновативна, обединувачка, одговорна и разумна економија. Потрошувачката култура која ја интересира само профит и пазарна конкуренција веќе има своја здрава алтернатива во социјалните претпријатија.
„Компаративната студија за основање ресурсен центар за развој на социјални претпријатија во Град Скопје“ дава приказ на тоа што е всушност социјалното претпријатие, кои се главните пречки и предизвици, и кои се неговите развојни перспективи. Истото е спроведено во рамки на проект финансиран од ЕУ, а целта е да се воспостави ресурсен центар за развој на социјални претпријатија во Град Скопје. Ние спроведовме компаративна студија на примерите на поволни еко-системи, кои веќе уживаат придобивки од веќе воспоставените и успешни модели на ресурсни центри во пет земји-членки на ЕУ. Целата студија е усгласена со правната рамка на РСМ и нејзиниот еко-систем.
„Анализата на трошоци и придобивки- формирање Ресурсен центар за развој на социјално претприемништво во Град Скопје“ е креирана во согласност со Водичот за анализа на трошоци и придобивки за инвестициски проекти, Инструмент за економска процена за Кохезиската политика 2014-2020, подготвена од Европската комисија како алатка за процена на потенцијални проекти што би се кофинансирале преку односни Програми на ЕУ. Иако овде Анализата на трошоци и придобивки се користи првенствено за проценување на инвестициски проекти, таа може да се употреби и за кој било друг долгорочен проект чија реализација се потпира на неповратни средства од ЕУ или јавни средства. Особено е корисна за проценка на проекти што целат да остварат пошироки социјални придобивки, за разлика од профитно-ориентираните дејности. Таа е алатка што се користи за да се утврди дали придобивките за општеството ќе соодветствуваат на јавните средства потрошени за реализација на проектот. Усогласена е со Споредбената студија за Основање Ресурсен центар за развој на социјалното претприемништво во Град Скопје. Студијата дава преглед на социјалното претприемништво како концепт, главните пречки и развојните перспективи во земјите на ЕУ и во Северна Македонија.
Врз основа на искуството и научените лекции од веќе основаните и успешни Ресурсни центри во пет градови на ЕУ, се предлагаат три можни деловни модели. Изработката на оваа анализа е дел од проектот „Отворање можности“ финансиран преку ИПА Програмата за граѓанско општество и медиуми 2016-2017 –Поддршка за граѓанските организации. Насочена е кон унапредување на политиките за животна средина, преку јакнење на меѓусекторско партнерство и создавање на поволно опкружување за развој на социјалното претприемништво, зафаќајќи се особено за проблемот на Ромите и другите ранливи групи.
Проектот „Отворање можности“ го предводи ХЕРА, со Градот Скопје како главен локален стратешки партнер и Асоцијацијата за креативен развој Слап (Водопад), како стручен партнер од Хрватска.