Пандемијата на ковид-19 пројде, но тоа не ги менува наодите од нашето истражување според кои таа сериозно влијаела врз сексуалното и репродуктивното здравје на младите, а со тоа и на нивната добросостојба. Баш затоа, младите решија да потсетат на искусеното и да упатат свои барања – за следната криза да нема реприза!
Иако онлајн-каналите биле главниот извор на информации за младите (и) за време на пандемијата на ковид-19, сепак не можеле едноставно и навремено да ги најдат точните информации бидејќи биле „затрупани во океанот од разни информации за вирусот“ и бидејќи „недостигаат национални интернет страници кои се релевантни и на кои може да им се верува“. (Инфографик 1)
За младите да бидат здрави, не е доволно да се свесни и информирани за важноста на сексуалното и репродуктивното здравје – мора да имаат и лесен пристап до здравствените услуги. Во спротивно, оддалеченоста на здравствените установи, немањето пари или немањето опции за превод (о)стануваат сериозни пречки во грижата за здравјето – како што и било за време на пандемијата на ковид-19. (Инфографик 2)
Имајќи на ум дека врсничкото насилство е секојдневна реалност – не само на улица, туку и во училиштата – важно е да се потсетиме дека со сеопфатното сексуално образование децата учат и како да препознаат булинг и други форми на вознемирување и насилство, било да се случуваат онлајн или офлајн, како да се заштитат и кому можат да му се обратат доколку се жртва или сведок на насилство. (Инфографик 3)
Наспроти застрашувачките проценти на млади – особено млади Роми и Ромки и ЛГБТИ млади! – кои пријавиле дека лично доживеале или посведочиле случаи со сексуално и родово базирано насилство, стојат и искуствата на општата млада популација со онлајн вознемирување – на социјалните медиуми и особено од постари луѓе кон млади девојки. Генерално, младите го делат ставот дека за време на пандемијата институциите биле „практично бескорисни“ кога требало да постапат во каква било ситуација со насилство, а довербата во полицијата била многу мала. (Инфографик 4)
Иако изолацијата, отсеченоста од врсниците и живеењето со родителите имале големо влијание врз менталното здравје на младите, сепак за време на пандемијата на ковид-19 услугите не било лесно да се добие услуга за ментално здравје. Сите учесници во целните групи опфатени со нашето истражување веруваат дека стигматизацијата и табуата за користењето професионално советување се толку силни што сериозно ги обесхрабруваат младите луѓе да побараат поддршка. (Инфографик 5)
Од само 14 %, колку што користеле модерна контрацепција во 2020 година, дури 10 % отпаѓаат на користење машки кондом. А најшироко применуван метод на контрацепција меѓу младите (35 %) е методот на „повлекување“ (прекинување на незаштитениот сексуален однос пред ејакулација). Ова би можело да се смени на подобро кога младите би растеле со #ССОнаКлупа и кога би знаеле дека точните одговори можат во секое време да ги добијат директно од родителите, наставниците и здравствените институции – наместо да ги бараат кај врсниците и на Интернет. (Инфографик 6)
Кампањата „За следна криза да нема реприза“ се случува во рамките на проектот „Младите зборуваат, младите одбираат“, координиран од Меѓународната федерација за планирано родителство – Европска мрежа, што го спроведуваме заедно со организации од Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија и Косово – земји каде што грижата, информациите и едукацијата за сексуалното и репродуктивното здравје и права треба да бидат многу поквалитетни и подостапни за младите, исто како и кај нас!