Во рамките на 30-месечниот проект „Младите зборуваат, младите одбираат“, што има за цел да придонесе кон подобрување на сексуалното и репродуктивното здравје во Западниот Балкан, ХЕРА спроведе истражување за влијанието што ковид-19 пандемијата го имаше врз сексуалното и репродуктивно здравје и права кај младите во Македонија.
Извештајот од студијата за пристапот на младите до информации за сексуално и репродуктивно здравје, образование и грижа во Македонија за време на ковид-19 кризата покажа дека младите се соочиле со сериозни потешкотии да дојдат до информации и услуги поврзани со сексуалното и репродуктивното здравје во време на ковид-19 пандемијата што довело до зголемено чувство на несигурност кај нив. Информациите, како што тие изјавија, се „затрупани“ заради преголемиот обем на информации за ковид-19, или, пак, поради фактот што недостасуваат национални интернет страници што се релевантни и може да им се верува.
Истражувањето ги опфати младите како општа популациска група, вклучително и четири ранливи категории на млади, односно млади Роми, млади мајки и бремени жени, припадници на ЛГБТИ+ заедницата и млади кои живеат во рурални средини и имаат поотежнат пристап кон здравствени услуги.
Како за пример, истражувањето покажа дека ЛГБТ луѓето се ранлива група која најмногу барала информации за менталното здравје за време на пандемијата.
Во случаи на сексуално и родово базирано насилство, сите младински групи опфатени во истражувањето го потврдија постоењето на суштински бариери за понатамошно барање поддршка, но и за адекватно одговарање на ваквите пријави. Воопшто довербата во полицијата е на ниско ниво, воедно се констатирало дека институциите се практично бескорисни кога станува збор за случаи на насилство од овие типови. Реалноста покажува дека процентот на млади индивидуи кои добиле поддршка, и за чии случаи биле преземени дејствија откако лицето посведочило или доживеало инцидент, е многу низок.