Жените и девојките во репродуктивен период од овие региони, а особено жените со попреченост, жените Ромки и жените од руралните средини ќе можат бесплатно да направат ПАП–тестови и да добијат контрацепција и други услуги за сексуално и репродуктивно здравје.
Денеска, ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување и Центарот за семејна медицина, во просториите на Здравствениот дом во Македонски Брод, официјално го означија отворањето на гинеколошка ординација со што истовремено се означи и почетокот на работата на уште 3 гинеколошки ординации во здравствените домови во градовите Ресен, Радовиш и Делчево. На овој начин, во овие здравствени региони значително се унапредува сексуалното и репродуктивното здравје на над 20.600 жени и девојки на возраст од 15 до 49 години кои според претходно направеното мапирање, досега имале пристап само до 4 матични гинеколози.
На отворањето присуствуваа амбасадорот на Јапонија во Република Северна Македонија г. Савада Хиронори, градоначалникот на Македонски Брод г. Жарко Ристески, директорот на Здравствениот дом во Македонски Брод г. Жарко Симески,програмската директорка на ХЕРА Елизабета Божиноска и д–р Катарина Ставриќ од Центарот за семејна медицина. Опремувањето на 4-те гинеколошки ординации е во соработка помеѓу ХЕРА и Центарот за семејна медицина при Медицинскиот факултет од Скопје, a со финансиска поддршка од Јапонскиот фонд на доверба на Меѓународната федерација за планирано родителство, поддржан од Јапонската влада и јапонскиот народ.
Ординациите располагаат со бесплатна контрацепција (кондоми, орална контрацепција и итна контрацепција), едукативни брошури, како и тестови за земање на вагинални брисови за сексуално преносливи инфекции и ПАП. Сместени се во рамки на здравствените домови за да се олесни пристапот до гинеколошки услуги и семејно планирање за жените во овие градови. Првенствено им се наменети на семејните лекари кои имаат поминато соодветна теориска и практична обука организирана од страна на Центарот за семејна медицина и Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство, но ќе можат да ги користат и гинеколозите од секундарно или терцијарно ниво кои во одредени денови од неделата ќе можат да доаѓаат во здравствените домови и да даваат дополнителни специјалистички услуги.
Намерата е опремата да остане во употреба на јавното здравство и бесплатно да може да ја користат сите заинтересирани семејни лекари и гинеколози во иднина. Вклучувањето на семејните лекари како компетентни даватели на услуги за репродуктивно здравје е предвидено со реформата за примарната здравствена заштита од 2019 година, заради што ХЕРА и Центарот за семејна медицина, заедно со Министерство за здравство и Фонд за здравствено осигурување, со поддршка од Јапонската влада и јапонскиот народ, подготвуваат и Национален план, а подготвија и наставна програма за семејни лекари и спроведоа теоретски и практични обуки од страна на клинички гинеколози за 24 семејни лекари од 10-те здравствени региони на Македонија.
На ваков начин, преку доедуцирање и акредитирање на стручните лица, но и обезбедување соодветна опрема и материјали, протоколи за реализација на услугите на примарно ниво и финансиска стимулација, ќе се зголеми бројот на даватели на гинеколошки услуги, вклучително и семејни лекари, кои се клучни за репродуктивната грижа на жените. Зголемената достапност и пристап до квалитетни превентивни услуги за сексуалното и репродуктивното здравје на примарното ниво на здравствена заштита ќе значи подобро здравје за жените и девојките, но и помал товар за здравствениот систем кој вложува многу повеќе човечки и финансиски ресурси секојпат кога превенцијата потфрла.
Овој настан е дел од проектот „Семејните лекари партнери во проширувањето на пристапот и изборот за контрацепција и услуги за сексуално и репродуктивно здравје”, кој се спроведува во партнерство помеѓу ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување и Центарот за семејна медицина при Медицинскиот факултет од Скопје, а со поддршка на Министерството за здравство, Фондот за здравствено осигурување и со финансиска поддршка од Јапонската влада (Japan Trust Fund).