ХЕРА – Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување и издавачката куќа ТЕМПЛУМ распишуваат Kонкурс за стрип, наменет за млади, на тема: „КАДЕ ПРИПАЃАМ?“
Темата е поврзана со чувствата на (не)припаѓање, (не)вклученост, маргиналност, отфрленост. Целта ни е да ги артикулираме тие чувства, преку уметност (стрип), ем за подобро да се информираме, ем за да научиме подобро да се справуваме со чувството на отфрленост. Конкурсот е наменет за млади креативни луѓе. Сакаме нивното мислење и нивната работа да ги направиме повидливи и погласни. Освен тоа, сакаме да ги поттикнеме вредностите на заедничката работа, инвентивноста, креативноста и ангажираноста. Цел ни е и да придонесеме за развојот на еден интересен уметнички медиум, стрип, кој што е слабо застапен во нашата земја. На овој начин придонесуваме и за развојот на македонската културна сцена, промовирајќи нови млади креативни актери, нови културни настани, поинакви пристапи во полето на културата и пошироки форми на соработка.
Право да конкурираат имаат сите граѓан(к)и на Република Северна Македонија на возраст до 30 години.
Стриповите за конкурсот треба да содржат до 6 табли (или страници) и да бидат досега необјавувани. Значи, почитувани автор(к)и, можете да ни испраќате и стрипови од една или две страници, но не повеќе од 6.
За најдобрите стрипови предвидени се три награди: од 15, 10 и 5 илјади денари.
Најдобро оценетите стрипови ќе ги објавиме во публикација.
Во текот на јуни ќе организираме и работилница за пишување и цртање стрип, на која ќе можат да се пријават и да присуствуваат сите заинтересирани за учество на конкурсот.
Стриповите треба да ни ги испраќате, скенирани, со назнака „За стрип“ по електронска пошта, најдоцна до 16 јуни 2024 година, на следнава адреса: konkurs@hera.org.mk