Картата со оцена од заедницата претставува истражување за состојбите на здравствената заштита и правата на Ромките од Шуто Оризари поврзани со услугите за планирање на родителството, услугите во текот на бременоста и по породувањето. Како и досега, истражувањето за 2019 година го спроведе Иницијативата на жени од Шуто Оризари која осма година по ред го мониторира пристапот и квалитетот на здравствената заштита во текот на бременоста и по породувањето, со што директно следи во која мера и како се спроведуваат политиките што треба да го гарантираат репродуктивното здравје на Ромките.
Истражувањето за минатата година покажува дека од вкупно 100 испитанички, 90% имаат матичен гинеколог, а 35% плаќаат дел од гинеколошките услуги кои инаку се бесплатни за сите жени во репродуктивен период. Многу често, дополнителен трошок за жените претставува и превозот, со што пристапот до овие услуги се отежнува. Особено алармантно е што дури 96% од бремените жени воопшто не биле посетени од патронажна сестра во текот на бременоста.
Во однос на искористеноста на мерките од Програмата за активна здравствена заштита на мајки и деца во 2019 година, сите испитанички се породиле бесплатно, но само 57% добиле бесплатни анализи и прегледи во текот на бременоста. Дури 97% од испитаничките не добиле рецепт за фолна киселина од својот матичен гинеколог или патронажната сестра, а ниту една жена не добила бесплатно контрацептивно средство ниту информации за едукативни работилници за детско здравје, имунизација, мајчинство и/или доење.
За разлика од претходните години, кога најгорлив проблем беше незаконската наплата – проблем кој и натаму останува актуелен – сега истражувањето укажува на итната потреба од преземање мерки за трајно решавање на проблемот со немањето гинеколог во самата општина Шуто Оризари.
Целосното истражување, со сите наоди и препораки, е достапно на македонски јазик тука.