КОВИД-19 е сериозно заболување и секој од нас треба да настојува да го сведе на минимум ризикот од пренос и ширење на вирусот. Најдобрата заштита е редовното миење на рацете со сапун и вода, избегнувањето на контакт со секој кој има настинка и кашлица и, секако, самоизолацијата во случај на симптоми.
Имајќи ги предвид последиците што пандемијата ги има врз сексуалното и репродуктивното здравје, изготвивме брошура за сè што треба да знаете во врска со сексот во услови на КОВИД-19, вклучително и за заштитата од непланирана бременост и од сексуално преносливи инфекции и за пристапот до абортус во услови на актуелната пандемија.
Во време на КОВИД-19, бремените жени се сметаат за поранлива категорија поради нивната општа состојба, иако истражувањата не покажуваат дека се поподложни на вирусот или дека се во поголем ризик да развијат сериозни симптоми. Информацијата значи здравје, па токму затоа изработивме брошура со совети за бремените жени, а во соработка со Министерството за здравство и со поддршка од Фондот за население на Обединетите нации – УНФПА, подготвивме и Времени препораки за постапување со бремените пациентки, наменети за здравствените работници.
Пандемиската криза со КОВИД-19 директно се одразува на сексуалното и репродуктивното здравје особено на жените и маргинализираните групи, чии потреби не смее да бидат запоставени. Токму затоа, изработивме преглед на основните услуги за сексуално и репродуктивно здравје и за ХИВ кои Владата на Република Северна Македонија има обврска да ги гарантира во услови на хуманитарна криза така што при реорганизирањето на здравствениот систем и мерките на заштита на населението ќе им обезбеди на жените и на маргинализираните заедници континуиран пристап до есенцијалните услуги за репродуктивно здравје и ХИВ, без разлика што капацитетите на здравствениот систем се насочени кон справување со кризата со КОВИД-19.
Сите брошури се достапни и на албански јазик на следниот линк.