Дискриминацијата, општествените стереотипи и стигмата се најчестите причини поради кои на маргинализираните групи, а особено на жените, им е отежнат пристапот до остварување на нивните права. Ромките од Општина Шуто Оризари секојдневно наидуваат на голем број пречки при остварување на правото на здравствена и социјална заштита, грижата за сопственото репродуктивно здравје и пристапот до услуги во рамки на здравствените и социјалните установи.
Ова го потврдуваат и осумте студии на случај претставени во публикацијата „Системските предизвици кај Ромките во остварување на здравствените и социјалните права“. Станува збор за вистински искуства на Ромки коишто во периодот јануари – јули 2022 година ги користеле бесплатните и доверливи услуги во нашиот младински центар „Сакам да знам“ во Шуто Оризари. Самите студии на случај, од кои дел, за жал, имаат фатален исход за жените, ги илустрираат најчестите прекршувања на социјалните и здравствените права со кои Ромките се соочуваат секојдневно.
Оваа публикација ја подготвивме за да се добие подобра слика за пристапот, достапноста и функционалноста на услугите што Ромките ги добиваат од страна на институциите, а кои произлегуваат од теренската работа на правниот тим. Покрај ова, се надеваме дека со документираните случаи ќе придонесеме кон зголемување на свесноста на државните институции за потребите на ромското население, односно за изнаоѓање делотворни и трајни решенија во остварување на нивните човекови права.
Публикацијата е достапна тука.