„Денеска одам на лекар за да направам ПАП тест, за првпат. Да не беше оваа услуга достапна тука, во мојот роден град, ќе требаше да патувам за Штип или Струмица, кои се 30 км оддалечени од моето село. Слушнав дека мојата докторка сега нуди и услуги за контрацепција и советување за менопауза, а тоа баш ми треба сега. На мојата семејна докторка можам сѐ да ѝ кажам, ме сослушува и разбира, ме информира. Би сакала овие услуги и натаму да можам да ги добивам кај неа, па дури и заедно со други услуги, како на пример, преглед со ултразвук. Ние жените од овие краишта немаме пристап до гинеколог. Затоа многу значи кога имаме семеен лекар што може да се грижи за нашето репродуктивно здравје.“
Ова се зборовите на 39-годишната Емел која живее во Конче, оддалечено на половина час возење од Радовиш. Таа има 19-година ќерка со која заедно одат на преглед кај д-р Јелиз, која работи како семеен лекар веќе 15 години.
Д-р Јелиз, која добро ги познава потребите и предизвиците на жените од руралните средини, беше една од 24 даватели на услуги кои беа обучени на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство за да можат да даваат основни услуги за сексуално и репродуктивно здравје. Оваа обука беше само дел од активностите спроведени во рамките на проектот „Семејните лекари – Партнери во унапредување на сексуалното и репродуктивното здравје“, што го реализиравме заедно со Центарот за семејна медицина и со поддршка од Јапонската влада.
Обучена според акредитираниот практичен водич што го подготвија Македонската асоцијација на гинеколози и опстетричари и Центарот за семејна медицина при Медицинскиот факултет – Скопје , таа денес успешно прави вагинални прегледи и зема брисеви за ПАП тест и за тестирање за сексуално преносливи инфекции во гинеколошката ординација во радовишкиот Здравствен дом – една од четирите вакви ординации кои беа целосно опремени во рамките на проектот, во четири различни града.
На ваков начин, преку вклучување на обучени семејни лекари, во периодот април-ноември 2022 година, 2.777 жени добија услуги за сексуално и репродуктивно здравје, од кои 1.847 доаѓаат од општествено ранливи групи (Ромки, жени од рурални средини и жени со попреченост). Дадени се над 2.060 услуги за контрацепција, што вклучува советување и делење на бесплатна орална контрацепција и кондоми.
Студијата на случај, која ги сумира не само резултатите туку и добрите практики, покажува како државата може да го подобри пристапот до услуги за сексуално и репродуктивно здравје на целата територија на Македонија, а со тоа и целокупното здравје на жените и девојките. Достапна е само на англиски, на овој линк.