Годинава, по седми пат ХЕРА се придружи кон одбележувањето на Европската недела на тестирање за ХИВ, со цел да се зголемат пристапот и свесноста за важноста од тестирањето за ХИВ и кај нас.
Во фокусот на нашата годинешна кампања е еден малку познат факт за ХИВ кај нас: Н = Н, недетектабилно е еднакво на непреносливо. Тоа значи дека луѓето кои живеат со ХИВ и редовно примаат терапија, имаат недетектабилно ниво на вирусот во крвта. Односно, дека вирусот во крвта се намалил до степен што не може да се детектира, со што целосно се спречува преносот на ХИВ по сексуален пат, дури и кога не се користи заштита (кондом). Така, самата терапија за ХИВ, всушност, претставува еден од најефективните начини на превенција на ХИВ.
Со цел да го популаризираме овој факт, во текот на годинешната Европска недела премиерно го прикажавме видеото „За ХИВ денес, важно е навреме да се открие“.
А на социјалните мрежи преку кампања информиравме за Н = Н, како и за важноста од навременото тестирање.
Годинешната кампања по повод Европската недела за тестирање за ХИВ се реализира со поддршка од ViiV Healthcare и СТАР – Првиот колектив на сексуални работници на Балканот.