ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување објавува барање за прибирање понуди од физички и правни лица, за снимање, продукција и монтажа на три видеа за три студии на случај.
Ангажманот е во рамките на проектот „Вработена Ромка = Независна Ромка”, поддржан од шведската фондација Квина тил Квина.
- За проектот
Позадина на проектот
Вработувањето на социјално ранливите и исклучени граѓани сѐ уште претставува сериозен предизвик во Република Северна Македонија. Со невработеност, но и со тешкотии при барање работа се соочуваат речиси сите невработени лица, а особено оние најранливите: младите, долгорочно невработените лица, корисниците на социјална помош, лицата со низок степен на образование и др. Состојбата со Ромите, особено Ромките, како долгорочно невработени лица, останува еден од најзагрижувачките фактори што го попречуваат нивното целосно вклучување во општеството. Ниската стапка на вработеност кај Ромките и воопшто отсуството на оваа група на жени од пазарот на трудот има корени во неколку области: ниското ниво на образование или немањето на образование; раните бракови и традиционалната улога на Ромката. Конечно, и дискриминацијата на работното место е пречка за Ромките да најдат и задржат добро платена работа со добри услови и исклучително влијае и на нивната мотивација да се активираат. Во рамките на истражувањето што го спроведе ХЕРА во 2020 година, мониторирани се 142 јавни институции (на национално ниво: независни тела, Влада на РСМ, министерства, независни државни тела, на локално ниво: сите локални самоуправи, центри за социјална работа и центри за вработување) со вкупно 25276 вработени, а резултатите покажаа дека вработени се само 4 Ромки на раководни позиции и 120 Ромки на нераководни позиции.
- Општа цел на проектот:
Да се зголемат можностите за вработување на Ромките.
- Специфични цели:
– Да се зголемат финансиската поддршка и политичките заложби на централната и локалната власт за вработување Ромки во јавна администрација;
– Да се подобрат можностите за вработување Ромки.
- Целна група на проектот:
Ромки активистки; јавни институции, локалните самоуправи; невладини организации кои работат на темите поврзани со женските прашања и инклузијата на Ромите, претставници од владини институции, ромската заедница, јавноста.
- Опис на активноста:
Со цел да се подигне јавната свест за дискриминацијата и стигмата која постои кај Ромките во областа на вработувањето, и да се зголеми заложбата на локалните и националните институции за вработување на Ромки, предвидено е снимање на 3 видеа кои ќе претставуваат студии на случај. Студиите на случај ќе бидат снимени со вработени Ромки во јавни институции, кои потоа ќе бидат објавени на социјалните медиуми со цел да допрат до пошироката јавност, при што ќе се даде позитивен пример за успешни и вработени Ромки.
Бараме физичко или правно лице чија главна одговорност ќе биде снимање и продукција на 3 видеа со студии на случај за горенаведениот проект, кои ќе бидат искористени во рамките на кампања на социјални медиуми.
Кандидатите треба да ги исполнуваат и следниве основни критериуми:
- Најмалку три години работно искуство во креативни проекти и реализација на промотивни видеа;
- Најмалку 3 години искуство во продукција и постпродукција на видео материјали;
- Докажано портфолио во изработка на исти/слични продукти;
- Предност ќе имаат кандидати со искуство во работа со/во невладиниот сектор.
- Изведувачот ќе биде одговорен за:
- Осмислување на сценарија за видеата, финализирање на сценаријата во тесна соработка со проектниот тим од ХЕРА;
- Снимање, продукција и монтажа на три видеа со студии на случај со времетраење од максимум 5 минути по видео;
- Секојдневна комуникација и координација со проектниот тим.
- Продукти кои треба да се испорачаат за време на ангажманот:
- Сценарија, снимен материјал, продукција и монтажа на три видеа со студии на случај.
Обврските ќе се спроведуваат надвор од канцелариите на ХЕРА.
- Рок за спроведување:
Работата на оваа активност се очекува да биде спроведена во периодот април- мај 2021 година. Најдоцна до 30 март 2021 година до 16.30 часот, сите заинтересирани треба да обезбедат и достават:
- За правни лица:
– Предлог 3 сценарија
– Референци (портфолио) за Понудувачот во подготовка и испорака на ваков тип услуги;
– Финансиска понуда во приложениот формат.
- За физички лица:
– Предлог 3 сценарија;
– Детална биографија;
– Референци (портфолио) за подготовка и испорака на ваков тип услуги;
– Финансиска понуда во приложениот формат.
Предвид ќе бидат земени само оние понуди од физички или правни лица кои ги исполнуваат условите и кои ќе испратат комплетна документација.
- Начин на избор:
ХЕРА, во согласност со одредбите на договорот на проектот, ќе спроведе повик со прибирање на најмалку 3 (три) понуди.
Критериум за избор, покрај цената, се квалитетот на предлог-сценаријата и искуството во подготовката на видеа од областа на промоцијата и застапувањето (портфолио на организацијата и прилог со претходно изработени видеа).
Сите кандидати ќе бидат известени за резултатите од барањето за прибирање понуди за ангажирање на физичко или правно лице за видео продукција, по електронски пат, најдоцна 10 дена по затворањето на конкурсот.
Документите со назнака/предмет на пораката Понуда за ангажирање на физичко или правно лице за видео продукција можете да ги доставите на следниов начин:
По електронска пошта: olivera.stojkovska@hera.org.mk
По пошта: ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување ул. „Франклин Рузвелт“ 51а/26, Скопје, со назнака Понуда за ангажирање на физичко или правно лице за видео продукција.
Нецелосните пријави и пријавите пристигнати по крајниот рок нема да бидат разгледувани.