„Млади во криза 2.0 – Ефекти од пандемијата врз младите и препораки до институциите“ е документ кој го изработија 12 граѓански организации со намера да дадат подлабока анализа на спроведените мерки за млади и на економските ефекти што досега ги имаше кризата врз доходите на младите. Во отсуство на систематизирани податоци за чекорите кои ги преземаат државните институции во текот на пандемијата, документот содржи и препораки преку кои надлежните институции би можеле да ги намалат негативните последици за младите луѓе во земјава.
Вакви препораки содржеше и документот „Перспектива: Млади во криза – итни препораки за намалување на негативните ефекти од КОВИД-19 кризата врз младите“ кој иницијативата „Млади во криза“ го достави до надлежните во април 2020, при што дел препораките се преточија во мерки за млади. Сепак, здравствено-економската криза продолжува да постои, а меѓу најпогодените се младите кај нас, кои од почетокот на пандемијата се соочуваат со проблеми во областа на образованието, вработеноста, менталното здравје и расположливиот доход.
Меѓу предложените мерки за олеснување на последиците и подобрување на добросостојбата на младите има и образовни мерки, според кои треба:
- сите деца да добијат пристап до образование во услови на пандемија;
- да се обезбеди еднаквост во пристапот до образование за учениците со попреченост;
- да се дигитализираат сите наставни содржини;
- да се обезбеди психо-социјална поддршка за учениците од страна на стручните служби;
- да се отворат и поддршат постоечките шелтер центри за советување и заштита на жртвите на семејно и сексуално насилство;
- притоа, од исклучителна важност е што сеопфатното сексуалното образование е препознаено како потребна наставна содржина во сите степени на образованието.
Во подготовката на овој документ учествуваа младинските организации – членки на иницијативата „Млади во криза“: ХЕРА, Центар за интеркултурен дијалог (ЦИД), Сојузот на извидници, Младински сојуз – Крушево, Еквалис, Писхотерапика, ХОПС, Националниот младински сојуз на Македонија, Хелсиншкиот комитет за човекови права и АРНО, под фасилитација на Младинскиот образовен форум (МОФ) и во соработка со Реактор – Истражување во акција и Здружение за истражување и анализи (ЗМАИ).
Засега, Млади во криза 2.0 е достапен само во скратената верзија, на македонски и албански јазик.