- Имајќи предвид дека бројот на малолетничките породувања во Република Северна Македонија е речиси трипати поголем од земјите на Европската Унија;
- Ако се знае дека младите во нашата земја соопштуваат дека релативно порано стапуваат во прв сексуален однос за разлика од своите врсници од западноевропските земји;
- Имајќи предвид дека Република Северна Македонија е на едно од последните места во Европа по користење на современа контрацепција со само 14 % од младите на возраст од 20 до 24 години кои користат некое современо контрацептивно средство, додека најголем дел (36 %) се потпираат на прекинување на сексуалниот однос како метод на заштита од непланирана бременост;
- Ако знаеме дека 52 % од нашите девојчиња на 15-годишна возраст и 29 % од момчињата на иста возраст страдаат од повеќе психосоматски симптоми истовремено, повеќепати неделно;
- Знаејќи дека 50 % од младите на 15-годишна возраст од паралелки на албански наставен јазик и 25 % млади од паралелки на македонски наставен јазик ги прифаќаат традиционалните родови улоги, како на пример, дека мажот треба да биде авторитетот во семејството, а жената да се насочи да биде добра мајка и сопруга за сметка на напредување во кариерата;
- Ако се знае дека во Република Северна Македонија младите на возраст од 15 до 18 години се најмногу изложени на насилство за разлика од другите возрасни групи во државата и дека младите кои ѝ припаѓаат на ЛГБТИ задницата се и до четирипати почесто малтретирани во училиште од хетеросексуалните врсници;
- Тргнувајќи од фактот дека во меѓународните документи за човекови права, односно Меѓународната конвенција за економски, социјални и културни права, Меѓународната конвенција за граѓански и политички права, Конвенцијата за елиминација на сите форми на дискриминација врз жените и Конвенцијата за правата на детето им препорачуваат на државите воведување на сексуалното образование во основното и средното образование за да ги гарантираат фундаменталните индивидуални права на живот, здравје, недискриминација, образование и информации;
- Имајќи ги предвид конкретните препораки до Република Северна Македонија од страна на Комитетот за економски, социјални и културни права (2016) и Комитетот за елиминација на сите форми на дискриминација (2018) на Обединетите нации да осигури „адолесцентите да имаат пристап до точни информации за нивното сексуално и репродуктивно здравје и права во училиштата…” и во „училишната настава да интегрира задолжително сексуално образование, кое е соодветно на училишната возраст… и да oсигури наставниците да имаат важна улога во справувањето со родовите стереотипи”;
- Земајќи ги предвид националните заложби на Република Северна Македонија за воведување на сеопфатно сексуално образование дадени на Самитот во Најроби (2019) и на Форумот за генерациска еднаквост во Париз (2021), за суштински и на долг рок да се осигури заштита на здравјето и благосостојбата на младите;
- Земајќи предвид дека во национални политики и закони на Република Северна Македонија, односно Националната стратегија за млади 2016 – 2025, Националната стратегија за родова еднаквост 2021 – 2026, Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, Концепцијата за основно образование, се препознава потребата од подобрување на содржините за сексуално и репродуктивно здравје и од воведување на сеопфатното сексуално образование во образовниот систем;
- На крај, поздравувајќи ја одлуката на Владата на Република Северна Македонија донесена на 162-та седница за воведување пилот-програма за сеопфатно сексуално образование во 9-от степен на основното образование, во согласност со презентираната информација на Министерството за образование и наука;
- Но и нагласувајќи ја загриженоста од сè поголемото пласирање на лажни и манипулативни содржини во јавниот простор против сексуалното образование, со што се наштетува на можноста преку воведување ССО да се унапреди добросостојбата на децата, а се зајакнуваат родовите стереотипи и се поттикнува поголема омраза и дискриминација кон жените и други ранливи групи на граѓани во државата, некарактеристични за демократските и инклузивни општества,
Ние, долупотпишаните стручни здруженија и организации, ја потпишуваме Декларацијата „Со сексуално образование во училиштата до поздрава и побезбедна младина“ и бараме од Владата на Република Северна Македонија и од Министерството за образование и наука, согласно дадените политички заложби и надлежности, да осигурат дека секое дете во државата ќе може да го ужива своето право на сеопфатно сексуално образование и да стекне вистински знаења, ставови и вештини за заштита на своето здравје, благосостојба и достоинство, односно:
- Воведување на сеопфатното сексуално образование како изборен предмет за учениците од 9-то одделение во основното образование, темелено на научни и медицински факти и соодветно на возраста на децата, а кое е во согласност со принципите на Концепцијата за основно образование за родово-сензитивно и инклузивно образование;
- Организирање и спроведување на информативни кампањи за подигнување на свеста на јавноста за здравствените, емоционални и социјалните придобивки за децата од учењето за сеопфатното сексуално образование;
- Континуирано инвестирање во знаењата и вештините на наставниците од основните училишта заради ефикасно спроведување на изборниот предмет по сеопфатно сексуално образование;
- Креирање на посебни и инклузивни програми и механизми за заштита од насилство и дискриминација врз децата во основните и средните училишта.
ПОТПИСНИЦИ:
- Здружение на социјални работници на Македонија – ЗСРМ, Скопје
- Здружение на лекарите Албанци
- Здружение на лекари по општа медицина – семејна медицина
- Институт за брак, семејство и системска пракса – Алтернатива
- Коалиција Маргини
- Македонско здружение на гинеколози и опстетричари
- Македонско здружение на млади правници
- Македонско лекарско друштво – МЛД и стручно-специјалистички здруженија при МЛД
- Психолошки центар – Алтернатива
- Сојуз на специјални едукатори и рехабилитатори на Република Северна Македонија
- Субверзивен фронт
- ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување
- Хелсиншки комитет за човекови права
- Центар за психосоцијална и кризна акција – Малинска
- Центар за семејна медицина при Медицински факултет