Родителите се најважната алка во развојот на децата за време на пубертетот. Тие се првите кои се грижат децата да станат здрави личности – сакаат да ги утешат кога се вознемирени, да ги охрабрат во љубопитноста, да им помогнат кога чувствуваат здравствени проблеми или кога стекнувањето пријателства и врски не им оди од рака.
Но, покрај родителите, и училиштето треба да игра позитивна улога во правилниот емоционален, социјален и сексуален развој на децата. Сексуалното образование нема намера да го замени домашното воспитување, туку да го дополни и да им помогне на децата полесно да се подготват за сите предизвици што ги носи животот. Децата не секогаш сакаат да разговараат со родителите за чувствителни теми кои ги мачат додека растат. А тука училиштето може многу да помогне.
Свесни дека пилотирањето на сексуалното образование во септември 2021 година отвора низа прашања, пред сѐ, кај родителите, заедно со Бирото за развој на образованието подготвивме брошура за начинот на кој ќе се спроведува пилот-наставата и за тоа зошто овие теми се важни за развојот на децата.
Брошурата е достапна на македонски и албански јазик.
Силно веруваме дека секое прашање заслужува одговор, па доколку и натаму имате прашања или грижи во врска со сексуалното образование, ве охрабруваме да ни пишете на hera@hera.org.mk или на Бирото за развој на образованието на info@brr.gov.mk, сè со цел наставата да одговори на потребите на вашите деца најдобро што може.