Жените во Македонија, особено оние од социјално ранливите групи, се соочуваат со различен вид на бариери во обидот да се снабдат со услуги за репродуктивното здравје. Лошото репродуктивно здравје е причина за една третина од глобалното оптоварување со болест кај жените во репродуктивна возраст и една петтина од сите причини за глобалното оптоварување од болести кај општата популација.
Анализата на состојбите со здравствената заштита поврзана со репродуктивното здравје, што ХЕРА ја иницираше во текот на 2017 година, вклучи претставници од сите профили на засегнатите страни
во општеството сè со цел што пообјективно да се процени состојбата во земјата од повеќе аспекти и да се придонесе кон процесот на носење информирани решенија за овој сегмент од здравството, базирани врз докази.
Анализата се фокусираше врз проблемот од неколку аспекти: капацитетите на земјата во поглед на расположливиот здравствен кадар, системот на евиденции во здравството и системот на финансирање на здравствената заштита поврзана со репродуктивното здравје. Наодите од анализата послужија како основа за креирање препораки за понатамошно унапредување на состојбата, кои се претставени во засебен документ со наслов „Предлог-модалитети и насоки за системски решенија за намалување на бариерите во пристапот до здравствена заштита за репродуктивното здравје на жените во Република Македонија – Фокус кон човечките ресурси во здравството“.
Анализата е достапна на македонски и англиски јазик.
И Предлог-модалитетите се достапни на македонски и англиски јазик.