Ние, членките на Македонската платформа против сиромаштија (МППС) и нашите пријателски организации, изразуваме згриженост за одлагањето на донесувањето на Законот за социјална заштита и на дополнувањето на Законот за заштита на децата и бараме нивно итно ставање на дневниот ред на Собранието.
Со оглед на алармантната ситуација со сиромаштијата во земјата, неопходно е веднаш да се отпочне со новите решенија со кои се прави обид за суштинска реформа на системот на социјалната заштита и на начинот на кој ќе се овозможуваат услугите од социјалната заштита. Исто така, сакаме да истакнеме дека овие предлози се тесно поврзани со нашите забелешки кои се однесуваат на системските недостатоци и недоволните капацитети на институционално ниво во социјалната заштита, а се нотирани и во меѓународни извештаи кои се однесуваат на оваа сфера.
Во годините наназад постојано апелиравме дека се потребни измени за да се воведат нови услуги, дека е неопходна соработка меѓу секторите за социјална заштита, образование и здравство, дека е неопходно да се подобри функционирањето на центрите за социјална работа, како и да се воведе минимален адекватен приход кој ќе ја замени постојната парична помош која не ги дава посакуваните резултати. Исто така, во секоја пригода повторувавме дека е недоволен капацитетот на државните институции за спроведувањето на националната политика за социјална заштита, и можеби клучното, дека социјалните работници се претежно задолжени за административни барања, со недоволно време и внимание на терен за поддршка на оние на кои им се потребни услуги од социјална заштита.
Овојпат сакаме да се повикаме и на Извештајот на Европската Комисија за Македонија за 2018 година, во рамки на поглавјето 23: Правосудство и фундаментални права, каде што се констатираат одредени состојби во однос на заштитата на правата на децата. Имено, се нотира дека „нема продолжување на Акцискиот план за децата кој истече во 2015 година. Децата Роми и децата со посебни потреби сè уште страдаат од стигма, дискриминација и сегрегација, особено во образованието и другите услужни сектори. Иако е постигнат одреден напредок во последните години, постои ограничена координација во спречувањето и реагирањето на насилството врз децата. Не постои унифициран систем за собирање податоци и следење (на повеќето аспекти поврзани со состојбата на децата). Исто така, државата има многу мал капацитет да обезбеди помош, заштита и грижа за децата. Службите за заштита на децата се фрагментирани и итно е потребен интегриран систем за детска заштита кој го става детето во центарот на системот. Мерките и ресурсите за спречување на насилството и малтретирањето во училиштата сè уште не се доволни“.
Оваа држава, која себеси се идентификува како социјална и претендира за членство во ЕУ, не смее да одолговлекува измена на две клучни законски решенија, директно поврзани со заштитата на човековите права во структурата на правото на Европската Унија.
Неопходно е да се отвори јавна дебата за придобивките од законите и итно да се усвојат законските решенија за што побрзо да започнат реформите во социјалната сфера.
Затоа, денеска, на Светскиот ден на социјалната правда, бараме и очекуваме, народните избраници да ги издигнат на приоритетно место и да се заложат за исполнување на потребите на граѓаните од областа на социјалната заштита.