Препознавајќи ги актуелните состојби и предизвици со коишто секојдневно се соочуваат жените од Шуто Оризари при остварувањето на своите репродуктивни права, а особено Ромките како ранлива група на граѓанки, Иницијативата на жени од Шуто Оризари го издаде првиот број на Весникот на жените од Шуто Оризари за да им ги доближи овие прашања првенствено на надлежните институции и да ги поттикне да преземат мерки за унапредување на репродуктивното здравје на жените.
Иницијативата на жени од Шуто Оризари е неформална група на активистки која во рамки на своите активности врши теренски посети на жени од Шуто Оризари и од други општини каде што живее ромско население, при што спроведува и едукации од областа на антенаталната заштита и репродуктивното здравје и права.
Првиот број на Весникот ги анализира пречките во пристапот до репродуктивно здравје за Ромките, со фокус на дискриминацијата во здравствените установи и незаконската наплата на здравствените услуги. Се осврнува и на активностите и достигнувањата во работењето на Иницијативата на жени од Шуто Оризари, а ги предочува и здравствените индикатори поврзани со репродуктивното здравје на жените во Република Македонија.
Првиот број на Весникот е достапен само на македонски јазик.