Микро, малите и средните претпријатија се меѓу најпогодените од економската и здравствената криза што се појави како резултат на пандемијата со КОВИД-19. Тука спаѓаат и социјалните бизниси, кои во последниве неколку години по примерот на европските земји, започнаа да се развиваат и кај нас, сè со цел да придонесат за решавање на социјалните проблеми на заедниците на ефективен и иновативен начин. Придобивките од нивната работа се повеќедимензионални, но економската одржливост на социјалните претпријатија на подолг рок е неизвесна со оглед на фактот дека нивното финансирање зависи, пред сè, од грантовите на меѓународните донатори и националните фондации.
И покрај отежнатите услови за работа поради пандемијата со КОВИД-19, кои произлегоа од мерките на социјално дистанцирање и изолација во домашни услови, социјалните претпријатија изнаоѓаат начини да одговорат на потребите на своите клиенти на безбеден начин, нудејќи ги своите услуги бесплатно или, пак, по намалени цени. Нивната улога во подигнувањето на свеста за поддршка на социјално загрозените лица или ранливите категории на граѓани како нивни корисници од една страна, но и како нивни вработени од друга страна, го зајакнува ем концептот на социјална економија и ем потребата од соработка меѓу локалните самоуправи, бизнис-заедницата и невладиниот сектор.
Во зависност од дејноста, социјалните претпријатија се прилагодуваат на условите што ги наложува актуелната состојба, па за да одговорат на потребите, ги даваат своите услуги на далечина, тргнувајќи од дигитални образовни програми, таргетирани информативни содржини за начините на одржување на личната хигиена и хигиената во домовите, отворени телефонски линии за психо-социјална поддршка, па сè до поддршка за набавка на неопходните продукти како што се храна, лекови и хигиенски средства.
Со прилагодени активности продолжуваат и нашето социјално претпријатие „Нега Плус“, кое на територијата на град Скопје нуди грижа и нега на стари и изнемоштени лица во домашни услови, како и граѓанските организации што ги поддржавме со цел основање на социјални претпријатија во рамки на проектот „Отвораме можности“. Повеќе за нивните активности и услуги можете да се информирате на нивните Фејсбук-страници:
- Црвен крст на Град Скопје и социјалното претпријатие „Нега Центар“
- „Хуманост“ и социјалното претпријатие „ХуманаС“
- ЦСИ „Надеж“ и социјалното претпријатие Салон за едукација „Ромни“
- Здружение за заштита и едукација на деца и млади Роми „Прогрес“ и социјалното претпријатие „РомАрт“
- Здружение на Ромите „Черења“ – Штип и социјалното претпријатие Сервис за перење и пеглање на алишта
- Ромски младински центар „Метаморфоза“ и социјалното претпријатие за козметички и естетски услуги