Во услови на вонредна состојба во државата предизвикана од КОВИД-19, пристапноста до услугите за сексуално и репродуктивно здравје е исклучително важна, особено за бремените жени.
Согласно препораките и мерките на Владата за превенција и заштита од КОВИД-19, приземјето на Гинеколошко-акушерската клиника во Скопје е организирано како карантинско одделение со посебен персонал, каде што се носат сомнителните случаи на коронавирус. Од Министерството за здравство во изминатиот период најавија дека на Клиниката за гинекологија ќе се примаат/изведуваат само тешките случаи на бременост/породување, што важи и за родилките со коронавирус.
Полесните породувања ќе се изведуваат во ЈЗУ Специјална болница „Мајка Тереза“ – Скопје, во Чаир. Согласно добиените информации од здравствените институции, работата во оваа болница тече регуларно, односно болницата ги спроведува породувањата, како и сите прегледи и скринизи за фетусни аномалии.
Согласно Програмата за активна здравствена заштита за мајки и деца за 2020 година, мерката Бесплатни прегледи и лабораториски прегледи во тек на бременост, поврзани со бременост, бесплатно породување за бремени жени, кои се надвор од систем на задолжително здравствено осигурување и лица без документ за идентификција ќе се спроведува во ЈЗУ Специјална болница „Мајка Тереза“ – Скопје, во Чаир за време на вонредната состојба.
Доколку Ви се потребни какви било информации поврзани со репродуктивното здравје, контактирајте го својот матичен гинеколог и следете ги упатствата и препораките што ќе Ви бидат дадени. Доколку се соочувате со тешкотија при остварување на Вашите репродуктивни права, контактирајте нè на (02) 3176 950 и (02) 2651 955.