РЕПРОДУКТИВНА СЛОБОДА

Силно веруваме дека за да ја ужива својата репродуктивна слобода, жената мора да може слободно да одлучува за своето тело, здравје и живот. Репродуктивната слобода не постои ако е маратон со пречки. Токму затоа и застанавме во нејзина одбрана во 2009 година и заедно со повеќе граѓански организации ја формиравме Платформата за правото на избор како одговор на владината кампања против правото на абортус. Заедно со уште 40 други граѓански организации ја донесовме и потпишавме Декларацијата за заштита на правото на жените слободно да одлучуваат за својот живот, здравје и физички интегритет.

Во јуни 2013 година тогашната влада донесе нов закон за прекинување на бременоста којшто го ограничи пристапот до безбеден и легален абортус и ги принуди жените во Македонија на непотребни административни процедури. Протестиравме на улица, правевме аргументирани анализи, ја оспорувавме уставноста на законот, организиравме јавни расправи во Собранието и баравме поддршка од пратениците, меѓународните организации и Комитетот за човекови права при ООН.

Од 2013 година, ХЕРА е членка на Меѓународната кампања за безбеден абортус и секој 28 септември го одбележува Глобалниот ден за пристап до безбеден и легален абортус. ХЕРА е и една од 22 членки на Платформата за родова еднаквост која постои за да ги заштити женските права и да ја унапреди родовата еднаквост во Македонија, вклучувајќи ги и репродуктивното здравје и права.

Во мај 2019 година Собранието на Република Северна Македонија донесе нов текст на Закон на прекинување на бременоста 2019 со кој конечно се унапредуваат правата на жените и заштита на нивното здравје и живот. Неправдата кон жените најпосле е исправена. Со новиот закон се бришат административните пречки (односно, задолжителното и пристрасното советување и тридневното чекање по советувањето) кои ја ограничуваа волјата на жените. Формирањето на Првостепената комисија е поместено од сегашната 12-та на 22-та гестациска недела од бременоста, со што се уважува репродуктивната слобода на жените. Абортусот до 9-та недела со новиот закон ќе биде достапен и во гинеколошките ординации со воведување на лековите за медикаментозниот абортус како побезбеден метод за прекин на бременоста.

Во јуни 2019 ХЕРА ја започна кампањата со наслов „Слобода е кога самата одлучуваш“ со цел да се подигне свеста за придобивките за жените од новиот Закон за прекинување на бременоста.

Во декември 2020 година, Министерството за здравство го усвои Клиничкото упатство за медикаментозен абортус согласно принципите на СЗО со кое ќе се овозможи и подобар квалитет на услугите за абортус. Упатството за гинеколозите истовремено го регулира и начинот за изведување на медикаментозниот абортус кој досега не беше законски регулиран во нашата држава.

Повеќе:

  • Ковид-19 и правото на медикаментозен абортус
  • Водич за новинари и медиуми за новиот закон за прекинување на бременоста и препораки за објективно и непристрасно известување за потребите на жените поврзани со абортус
  • Постер за кампањата „Слобода е кога самата одлучуваш“
  • Политика на ХЕРА за основните принципи, вредности и активности на организацијата за заштита на правото на избор за абортус
  • Декларација на 10 политички партии за измени на Законот за абортус и обезбедување заштита на здравјето и репродуктивните права за време на парламентарните избори во 2016 година
  • Теренско истражување на ХЕРА за ефектите и последиците од донесувањето на ограничувачкиот закон за прекинување на бременоста во 2013 година
  • Брошури на ХЕРА за основните информации што здравствените работници и жените треба да ги знаат за медикаментозниот абортус
  • По четиригодишната кампања – Квантитативно истражување на ХЕРА за ставовите на општата популација и на гинеколозите за законските измени во 2013 година и за владината ТВ-кампања против правото на абортус „Избери живот, имаш право на избор“